Членството на Република Македонија во НАТО ќе ја зацврсти стабилноста на целиот Балкан, а тоа е заеднички интерес и на Македонија, и на Балканот, и на Европа и на САД, истакна шефот на македонската дипломатија Никола Димитров за време на синоќешниот состанок во Вашингтон на советникот за национална безбедност на претседателот на САД, Херберт Рејмонд Мекмастер со министрите за надворешни работи од земјите од Западен Балкан.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи, на заедничкиот состанок на шефовите на дипломатиите од регионот со Мекмастер се разговараше за регионалната соработка, безбедносните предизвици и евроатлантската иднина на Балканот.
Димитров на последниот ден од работната посета на Вашингтон, се сретна и со американскиот конгресмен Брендан Бојл и со поранешната државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт.
На средбата со Бојл, кој е копретседавач на Групата за пријателство со Македонија во Конгерсот на САД, Димитров побара поддршка од американскиот Конгрес за реализација на стратешките цели на државата.
Посетата на САД, Димитров ја заокружи со средба со Олбрајт на која се разговараше за актуелните состојби во Македонија и регионот, за средбите кои ги оствари во рамките на работната посета на Вашингтон, како и за глобалните политички случувања.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.