Благица Димитровска од здружението „Инклузива“ вели дека иако екологијата не е приоритет на нивното здружение, сепак е тесно поврзана со онаа категорија на граѓани со кои тие работат, бидејќи им носи големи последици по здравјето.
„Живееме во град каде се прават големи напори за да имаме чиста средина и здрави граѓани, но свеста на граѓаните е на многу ниско ниво. Диви депонии има на неколку места во градот. Имаме прекрасна река која тече низ нашиот град и го дели на половина, која е толку нечиста и полна со ѓубре, и може да се види сенешто, и за тоа не се виновни властите, туку граѓаните. Неколку пати е целосно исчистена реката, за по два- три дена да се врати истата слика“, вели Димитровска.
Димитровска вели дека сите ние треба да бидеме свесни дека идните генерации можат сè повеќе да имаат некаков вид на попреченост или некоја ретка болест, токму од загадениот воздух и нечистата средина во која живееме.
Според неа, општеството има многу малку направено за целната група со кои тие работат и дека токму тие граѓаните сè уште се невидливи во ова општество.
„Нашиот град е целосно непристапен за лица со телесно оштетување и за лица со оштетен вид, многу малку има преземено иако неколку пати се дадени иницијативи. Дури сега имаме повратен одговор дека ќе се преземат мерки за спуштање на тротоарите во градот Куманово, но гледаме таму каде што се асвалтираат улици не се спуштаат тротоарите и не се почитува законот за градба“, додава Димитровска.
„Властите во Македонија треба да знаат дека во Европа најпрво се почитуваат правата на лицата со попреченост, па потоа за другите граѓани и додека тоа не го направиме ние не можеме да влеземе во Европа“, вели Димитровска.
Ангела Петровска
камера и монтажа: Биљана Јордановска