Во знак на протест поради нападот врз колегите од порталот А1 Он, новинарите Александар Тодевски и Васко Желчевски, но и заради континуираните вербални напади врз сите новинарските екипи, веб-порталите Нова ТВ, Либертас, Плусинфо, агенцијата Мета…, нема да известуваат за денешните протести, ниту во Скопје, ниту од другите градови. Тие во своите соопштенија истакнаа дека ќе ја известуват јавноста, единствено доколку на протестите се случат насилства и нови напади, но говорите и пораките од протестите целосно ќе ги игнорираат.
„Решивме да ги бојкотираме протестите на симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи организаторите не изразија жалење за нападот врз новинарската екипа на А1 Он, ниту пак, ветија дека во иднина ќе сторат сѐ за безбедноста на екипите и на известувачите“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, Јован Постолоски – Јофе, од Либертас.
Дел од новинарските медиуми и новинари ги повикуваат учесниците, а особено Министерството за внатрешни работи, Владата и организаторите на протестите, да ја преземат и да ја прифатат одговорноста за досегашните и за сите идни инциденти. Тие укажуваат дека во ваква ситуација, нема место за алиби-изјави од типот „не може да гарантира мир“, кои само ги потврдуваат заканите за неистомислениците и ја потпалуваат атмосферата.
И новинарите од Гостивар од повеќе локални и регионални медиуми, попладнево се собраа на градскиот плоштад за да испратат порака со осуда за синоќешниот напад врз колеги-новинари на протестите во Скопје.
„Лично сметам дека пораката што ја испраќаме е многу силна токму поради мултиетничкиот дух на Гостивар, почитта и соработката што како колеги ја имаме овде, секојдневно, без оглед на нашата национална и верска припадност, без оглед на нашите политички гледишта и убедувања“, рече Љупка Антеска, новинар во ТВ Кисс и уредник на Гостиварпрес.
Фото: Мета