ЏАБИР ДЕРАЛА
Што ако грешам?
„Што ако грешам?“ – ѕвонат мислите.
Што ако грешам кога велам (пишувам) дека апетитите на партијата Икс се ограничени само на гола борба за власт, пари и моќ без граници и демократска контрола на институциите?
Дали претерувам со претпазливоста и алармите? Можеби нивната ориентација е соодветен историски и општествено политички одговор на предизвиците на времето…
Можеби треба да се придружиме на мноштвото медиуми што се „избалансирани до коска“… Можеби тие се во право што, под изговор дека го следат вкусот на публиката, всушност, диктираат трендови… Евтино, но диктираат. И филтрираат, во името на публиката.
Што ако грешам кога мислам (говорам и пишувам) дека со секоја нивна изјава и постапка сакаат да го сопрат европскиот курс на земјата? Дека имаат намера (повторно) да ги заробат институциите… Да ја поделат земјата по сите основи, а со тоа да го уништат духот на Уставот, демократските институции и самото постоење на државата… Да предизвикаат тензии и насилство.
Што ако грешам кога велам дека нивната идеолошко политичка матрица е фашистичка и дека нивниот начин на мислење е погубен за демократијата на долг рок? Што ако грешам кога во мислите ги нарекувам крволочни фашистички или рашистички ѓубриња? Дали можеби тоа не се?
Тоа се тешки прашања кои нема потреба некој однадвор да ми ги постави. Си ги поставувам самиот постојано.
Се обидувам да најдам потенцијал за промени кон подобро, секаде и кај секого, се радувам кога ќе видам и најмал зрак на надеж дека постои волја за разговор. Искрен разговор. За доброто на сите граѓанки и граѓани.
Секаде каде што имам влијание или позиција да одлучувам, креирам соодветен простор за објавување мисли и идеи што доаѓаат од сите агли на политичкиот и идеолошки космос. Можеби со дел од нив никогаш, ни во лош сон, не би се согласил. Но го обезбедувам тој простор, видливо и транспарентно. Се грижам да креирам и буџет за тој и таков медиумски простор да постои и да се развива. Без оглед на тоа дали и колку се согласувам со нив.
Има уште едно прашање. Тоа е најмалку исто толку важно како и првото.
Што ако сум во право?
Колку е голема одговорноста на оној што знае или барем насетува дека на општеството му се ближат темни облаци, а не проговорил гласно за тоа? За сметка на пристојноста, пропуштил да ги нарече нештата со нивното вистинско име. Со еуфемизми толку ја замаглува вистината што таа станала невидлива и за него самиот. Одлучил да ги (под)затвори очите пред некоја појава или постапка што е зародиш на нешто многу полошо и поопасно отколку што тоа изгледа на прв поглед.
Како што тоа пропуштиле да го видат креаторите на јавното мислење кога Мусолини, од страстен социјалист и левичар се трансформирал во фашист. И Хитлер од маргинален говорник во зачадени пивници се искачи на самиот врв на моќта во светот и го вовлече во пеколот на најголемата војна во историјата. А борбата за еднаквост и социјална правда го создаде монструозниот црвен империјализам на Советскиот Сојуз од чии пазуви се изнедри и Путин.
А кај нас, локално, тивкиот „сметководител“ Груевски стана тиранин кој се закити со режим, меѓу кои само дел од имиџот се гнасниот кич на Скопје 2014 и тешкиот грабеж на јавните пари.
Колкава е одговорноста на тие што не си го поставиле второто прашање: Што ако сум во право? На тие што чекорат на врвот на прстите, за да не го разбудат насилниот ѕвер во политиката. А тој веќе наголемо танцува низ својата мрачна агенда.
Што ако грешам? Што ако сум во право? Двете прашања се извонредно тешки и бараат од секој автор/авторка двојни и тројни проверки на секоја мисла.
Оние „на другата“ страна од цивилизацијата не си ги поставуваат тие прашања. Тие се убедени дека се во право и дека „нацијата мора да е чиста“ и дека „не секој заслужува да живее“.
Затоа, ние мораме да ги поставиме и за нив. Тие прашања нѐ прават различни од нив, стражарат на патеката што води до нив. Тие прашања нѐ спречуваат да станеме како нив.