Во публикацијата „Слободни избори: Услов за кој не се преговара“, значајно место им е посветено на бројните неправилности во Избирачкиот список, особеено во делот посветен на работата на Државната изборна комисија, на (не)довербата на граѓанките и граѓаните кон оваа институција, на неможноста на ДИК да воспостави подобра комуникација и соработка со граѓанските организации и на лошо спроведената теренска проверка на Избирачкиот список.
Во продолжениe e интегралниот текст објавен во публикацијата.
Оптимизмот што го искажаа ЦИВИЛ – Центар за слобода и голем број граѓанки и граѓани на самиот почеток од пречистувањето на Избирачкиот список, се замени со разочарување. Неполн месец по објавувањето, списокот беше затворен за јавноста, а пријавите на граѓанките и граѓаните не беа земени предвид. Во повеќе наврати, ЦИВИЛ се обиде да ги понуди своите ресурси и експертизи, со цел да придонесе кон активностите за создавање услови за слободни избори, но ДИК не покажа интерес дури ни за пријавите за фантомски гласачи, а да не зборуваме за некоја посуштинска соработка.
ЦИВИЛ не доби можност да ги презентира наодите, анализите и препораките, освен преку своите онлајн-канали, каде што изнесе јасни и недвосмислени оцени за процесот во чии рамки се спроведува и чистењето на Избирачкиот список. Едно такво соопштение е „Избирачкиот список не е прочистен, не се создаваат услови за слободни избори“, објавено на 27 април, по завршувањето на теренската проверка на ДИК, кога оваа институција излезе со став дека Избирачкиот список е пречистен, што беше далеку од вистината.
ЦИВИЛ тогаш соопшти:
Начинот, квалитетот на водењето на процесот, сите сомневања што ги предизвика работата на Државната изборна комисија и дејствувањето на политичките партии, укажува на тоа дека граѓанките и граѓаните со право немаат доверба во овој документ. Општа е констатацијата дека дури и да се прочистеше Избирачкиот список докрај, што, секако, не се случи, довербата изостанува, а со тоа и кредибилитетот на ДИК и на целиот процес. Пред сè, теренската проверка на Избирачкиот список не се спроведе на начин што може да се оцени како наполно регуларен, за што ја известивме јавноста и претходно, во повеќе наврати. Административната проверка што требаше да опфати над 70.000 лица, го исфрли на површина сознанието дека над 18.000 лица воопшто не аплицирале за издавање лични документи, а се наоѓаат во Избирачкиот список. Досега објавивме сознанија за два случаја, а секако дека имаме многу повеќе и пристигнуваат извештаи секој час, според кои се дознава дека во Избирачкиот список сѐ уште има лица што се починати уште во текот на минатата година и порано. Со години наназад, во претходните изборни процеси, лица што биле означени со ѕвездичка, што значи дека гласаат во странство, сега се ставени во Избирачкиот список како да гласаат во земјава. Значи, некој одлучил да ја тргне ѕвездичката, со што се остава простор за сомневање дека овде некој може да го злоупотреби нивниот глас. И сето тоа не е доволно. ДИК, едноставно, решава да го наметне ваквиот Избирачки список како чист. Дополнително, во ДИК се гласа во стилот 6:0, а составен е од девет члена. Кој уште може да поверува во легитимитетот и кредибилитетот на Државната изборна комисија и во Избирачкиот список? И меѓународната заедница, онаа што државата ја повика на помош, изнесе оцени слични на оваа на ЦИВИЛ, но ништо од тоа не беше доволно.
Освен катастрофалната состојба на Избирачкиот список, ЦИВИЛ регистрира огромен број случаи на закани и уцени, политичка корупција, дискриминација врз основа на политичката афилијација, мобинг, целосна партиска контрола на институциите и непроменета состојба во медиумите, кои во најголем дел се под контрола на власта.
Како одговор на тоа, ДИК испрати писмо до ЦИВИЛ на 4 мај 2016 година, во кое се вели: „Државната изборна комисија во целост ги отфрла и ги демантира шпекулациите и квалификациите изнесени од страна на невладината организација ЦИВИЛ во врска со работата на Државната изборна комисија, а со цел нејзино девалвирање. Апелираме до невладините организации да се воздржат од коментари и пишување со цел да влијаат врз работата и одлуките на изборните органи за време на изборниот процес. Државната изборна комисија во овој состав, од нејзиниот избор во декември 2015 година работи стручно, целосно транспарентно, преку јавни седници и други облици на комуникација со јавноста, како и во согласност со Изборниот законик. Оттаму, укажуваме до невладината организација ЦИВИЛ исклучиво да се придржува до Изборниот законик и Кодексот за набљудување на изборите, како и нејзиниот статут при давање какви било изјави поврзани со работата на Државната изборна комисија“.
Истиот ден ДИК издаде и јавно соопштение со слична содржина, кое ЦИВИЛ го објави на својата веб-страница. По состанокот на раководните структури и советување со експертскиот тим на ЦИВИЛ, излезе соопштението „Немаме намера да се воздржиме од укажувањата за пропустите на ДИК“, објавено на 6 мај 2016 година:
„Невладината организација ЦИВИЛ во целост постапува според својот мандат, во рамките на законските прописи, за мониторинг на севкупниот изборен процес во Република Македонија, во што спаѓа и следење и коментирање на работата на ДИК. Тоа ќе го правиме и во иднина, со цел Македонија да дојде до ситуација во неа да се одржат слободни, фер и демократски избори, како врвен јавен интерес на македонската демократија. Изминатите години и непријатните искуства покажаа дека е неопходно континуирано и детално следење на работата на ДИК и од невладиниот сектор, кој е специјализиран за тоа, за да се избегне повторувањето на состојбите во кои ДИК беше продолжена рака на партиите на власт. Впрочем, за изборните нерегуларности и за кршењата на изборната регулатива во Република Македонија во моментов се водат истражни постапки со голема основаност за сторени тешки кривични дела од областа на организираниот криминал, а кои се однесуваат на повеќе изминати изборни процеси. Затоа, немаме намера да се воздржиме од укажувањата и предупредувањата за пропустите во работата и на сегашниот состав на ДИК. ЦИВИЛ постои за заштита на демократските интереси на граѓан(к)ите на Република Македонија, а не за допаѓање или недопаѓање на членовите на ДИК. Сѐ што се обиде ЦИВИЛ е да помогне во овој важен и деликатен процес и притоа да ги канализира пораките и барањата на своите конституенти и пошироката јавност. Додека траеше теренската проверка, кога на веб-страницата на Државната изборна комисија во еден краток временски период беше објавен само список со сомнителни записи во Избирачкиот список, што предизвика и дебата околу законитоста на таа постапка, до ЦИВИЛ непрекинато доаѓаа извештаи и пријави што сведочеа за тоа како се спроведува оваа акција. Објавуваме дел од тие пријави и извештаи од набљудувачите на ЦИВИЛ:
Лицето А. Ѓ. од Општина Битола, целиот свој живот со својата фамилија живее во куќа што ја изградил нејзиниот татко, и никогаш никој не менувал место на живеење. И покрај тоа, нивната адреса е дел од списокот на неконзистентни записи. Исто така, на лицето С. В. од Општина Ѓорче Петров, граѓанин што редовно гласа веќе 30 години и никогаш не сменил адреса, не му е јасно според кој критериум станал ‘сомнителен’ и како се нашол на списокот на оние спорни граѓани што треба да се проверуваат. Единствениот граѓанин што е дел од списокот за теренска проверка, а во ЦИВИЛ е пријавен како фантомски гласач е лицето Б.С., кое според Избирачки список, се води на ул. ‘Чаирска’ во Општина Чаир, адреса на која никогаш не живеел. Другите пријави што пристигнаа на адресата на ЦИВИЛ во изминатиот период не се предвидени за теренска проверка. Примери за тоа се: Покрај тоа што Општина Чаир е ‘рекордер’ со повеќе од 17.000 илјади неконзистентни записи, сепак, лицата Р. С. и Т. М., кои според пријавите што пристигнаа до ЦИВИЛ се водат на адреси на кои никогаш не живееле, не се дел од списокот за проверки. Лицата П. И. и М. И. за кои добивме пријава дека никогаш не живееле во с. Слоештица, не се дел од списокот на неконзистентни записи што ќе бидат проверувани теренски. К. Д и К. В. за кои добивме пријава дека според Избирачкиот список се водат на ул. ‘Кузман Јосифовски’ во Прилеп, во напуштена куќа, не се дел од списокот на записи што ќе се проверува на терен. За Н. М. во ЦИВИЛ пристигна информација дека и покрај тоа што повеќе години е почината, сè уште е на Избирачкиот список, на адреса во Општина Карпош. И таа не е дел од теренската проверка на ДИК. На ул. ‘Партизанска’ во Струга, според Избирачкиот список, се водат пет лица што никогаш не живееле таму. Ниту едно од тие лица не е предвидено со теренската проверка.
Ова се само мал дел од пријавите што пристигнаа во ЦИВИЛ, а кои не се дел од списокот со неконзистентни записи што се проверуваат на терен. Ова покажува дека во списокот што го подготви ДИК, по направената вкрстена проверка, има граѓанки и граѓани што не треба да се на тој список, и обратно, спорни гласачи што беа пријавени, а за кои не е предвидена теренска проверка“.
ЗАКЛУЧОК На самиот почеток на процесот на ревизија и прочистување на Избирачкиот список, Државната изборна комисија излезе со едногласно усвоена бројка од над 330.000 сомнителни гласачи, за потоа предмет на теренска проверка да бидат само 83.680 граѓани. По завршувањето на теренската проверка, ДИК излезе со два различни извештаја што упатуваат на тоа дека настанал хаос во податоците и работата на оваа институција. Од еден извештај на ДИК се дознава дека во 6.366 прашалници воопшто нема одговор на прашањето дали анкетарот лично се сретнал со лицето што е цел на теренската проверка. Во вториот извештај, разликата врз основа на ова прашање е драстична: 10.436 прашалници немаат одговор за истото прашање. Понатаму, ДИК во еден извештај соопштува дека физички недостасуваат 282 прашалника, додека според вториот извештај, недостасуваат 414 прашалници. Според извештајот на ДИК, на 1.043 адреси никој не живеел, за 1.730 лица нема никаква информација, 2.945 лица не биле тука за време на проверката, 8.878 лица во моментот на проверката биле во странство, 5.093 лица се иселени на друга адреса во Македонија, 523 лица се починати, 36 лица немаат право да гласаат, 8.351 лице се ставени под точката „друго“.
При вршењето на теренската проверка на адресите, се дознава дека 26 од нив биле адреси на јавна администрација, на 15 адреси немало објект или бил руиниран, 13 објекти биле во фаза на уривање, но имало и одговори дека одредени адреси воопшто не постојат, односно не постоеле одредени станови во зграда. По сето тоа, Државната изборна комисија изгласа извештај според кој Избирачкиот список е прочистен и подготвен за избори. Во јуни 2016 година ДИК, сепак, го отвори Избирачкиот список повторно и соопшти дека ревизијата на Избирачкиот список ќе продолжи.