Точно е дека режимот на Груевски „одлеа“ големи пари од земјата. Според истражувањата и анализите на релевантни светски институции и организации, објавени во минатото, се проценува дека се работи за повеќе од пет милијарди долари.
Тоа не значи дека тие пари се спакувани во куферче и пренесени преку граница физички. Има и такви случаи, како тогаш кога еден наш политичар и издавач се обиде да изнесе 700 илјади евра во пластично шише. Но постојат низа далеку пософистицирани начини.
Во случајот што го опишувам во ова издание на #esPRESSo, се работи за медиумска манипулација, преку злоупотреба на моето име за да се нападне едно тврдење на Груевски, но истовремено и да се замагли вистината за клептократијата на режимот на истиот тој Груевски.
Некои ликови во македонската политика, како и во медиумите и граѓанското општество, едноставно, не заслужуваат да спорам со нив, но нивните постапки се илустрација за искривување на реалноста со дезинформации и ревизија на историските факти со лажни наративи.
За жал, живееме во време кога тие што се служат со лаги привлекуваат големо внимание (кликови), а тие што зборуваат и пишуваат со факти се обележани како предавници и се мета на говор на омраза.
Затоа, препорачувам секој податок да се провери, секој став да се преиспита. Без оглед на тоа колку ви се допаѓаат авторките и авторите на прилозите во медиумите, проверете. Тоа во денешно време не е тешко.