Господине Никола Груевски, ти пишувам на македонски јазик почитувајќи го правото на обвинетиот да ја слуша пресудата на својот мајчин јазик. Јас сум сега во улога на јавен судија, улога која ти многу ја посакуваше додека беше владетел на оваа земја.
Втора причина поради која пишувам на твојот јазик е да ти покажам дека мене не ми пречи македонскиот јазик како што тебе ти пречеше мојот, кога истураше чаша вода во говорницата на Собранието кога се гласаше законот за малку поширока употреба на албанскиот јазик.
Ова беше само за цивилизиран вовед. А, сега да се навратиме на кармата која те погодува колку и да се обидуваш да ја избегнеш. Некои мои колеги, а многу твои сопартијци и поддржувачи вчера бурно реагираа против медиумското следење на претресот на твојот стан и полициската потрага по тебе.
Епа почитуван екс владетел, што ќе правиш во живот дупло ќе ти се врати. Анализирај статистички, вчерашните снимки по сите медиуми се следеа дупло повеќе во времетраење од снимките од сите полициски акции заедно во времето на твојот режим. Една од работите кои ти и твојот режим најмногу ги посакувавте беа спектакуларните апсења на лица кои често пати дури и излегоа невини, ама првин беа објавени на YouTube и во медиумите блиски до твојот режим.
Било не фер, не хумано и непрофесионално да се снима рекоа твоите поддржувачи и некои од моите колеги. А, беше ли фер нарачувањето на камери и медиуми во апсења на многу граѓани и граѓанки низ земјава? Најискрено жалам што вашата сопруга вчера и деновите пред таа ноќ се вознемирила од полиција и камерите пред врата. Но, дали некогаш си помислил како се чувствувале тие жени од фамозната акција „Монструм“ кои ги објави пред цела јавност и на крај испаднаа дека погрешно биле уапсени. Пази, тие за разлика од твојата сопруга беа снимени како се влечат со лисици на раце.
Памтиш ли како полицијата во твое време кршеше врати и влегуваше среде ноќ во куќите на Албанци, Македонци, Роми, Турци…? Вчера имаше обвинувања за насилен упад, а полицијата само ти чукаше на врата и сè заврши со тоа. Читав дека и твоите деца биле вознемирени од полицијата и камерите? Замисли го најлесното, снимањето на децата во полициските акции каде пред нивните очи беа уапсени нивните татковци и мајки? Па замисли како се чувствуваа тие во време на насилното влегување на полицајците во нивните соби во време кога тие спиеле. Сè тоа се случуваше по твоја наредба и наредба на твоите министри и началници.
Знаеш ли што е насилна полиција? Таа твоја полиција која брутално удираше граѓани и граѓанки по мирни протести, студенти и средношколци, таа полиција или обезбедување која удираше по Мартин Нешковски! Го памтиш ли детето кое сакало да ти се приближи да ти честита за победата, а твоето обезбедување го турнало на земја и тој пад починало.
Македонец бил, дете бил, човек бил, го жалам. Како Албанец жалам за Мартин и се лутев кога поважен од неговиот живот бил стравот од твоите деца, страв кој тие не го почувствувале во ниту еден миг, а постоеше само како драма исценирана од твоите сопартијци.
Тука се разликуваме јас и ти Никола. Ти си оној кој влечеше Шиптари и Цигани по уши и врат, а јас тој што жалам за тие Шиптари, Цигани, Мартин, и многу други мартиновци и човечиња кои во време на твојот режим се влечеа ко безвредни суштества.
Карма ис а бич Никола.
Жалам, најискрено жалам за твојата сопруга, твоите деца и твоите комшии, но сигурен сум дека денеска и тие се свесни, ако не денеска утре, ќе бидат свесни дека тоа е последица на сè што направи, нивниот комшија, сопруг и татко, обвинетиот Никола Груевски. Лицето што ја опустоши ова земја за да купи за себе Мерцедес од 600.000 илјади евра. И пази, тоа е само едно дело.
За тебе е касно, но се надевам другите мои сограѓани и сограѓанки ќе научат лекција од твојот пример. Ние другите ти ветуваме, исто како што бевме заштитници на правата на овие граѓани, ќе бидеме будно дежурни заштитници и на правата на твоето семејство. Нема да дозволиме нов режим, нов Никола, и нема да дозволиме нова полиција која ќе влече луѓе по улици, барем не невини лица.
Ама тебе ќе те гледаме на телевизија, не како те влечат по земја, ама сигурно како те водат по влезови и ходници на затвори. Не за друго, за да бидеш добра лекција за сите твои колеги политичари!
Правдата е света, карма ис а бич!
Преземање на содржините НЕ Е ДОЗВОЛЕНО, освен ДЕЛУМНО и со писмена дозвола од ЦИВИЛ. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.