Додека трае еуфоријата на граѓаните од новодојдената слобода по едните и другите (сè уште недовршени избори) во Македонија, заслепени од убавините што ќе ни ги донесе составот на новата Влада, ни се случува една друга, темна, лицемерна и крајно опортунистичка реалност, во вид на предизборна кампања за вториот круг од локалните избори.
Ако не знаете за што станува збор, ќе ве замолам да се вратите на обраќањата на премиерот од минатата недела на предизборните митинзи. Како им кажува на гласачите за кого треба да го дадат својот глас, затоа што ако го послушаат, ќе цвета демократијата.
Премиерот Зоран Заев бара од граѓаните да гласаат за кандидатот на ДУИ, во Гостивар. И не само во Гостивар. Разбирливо е нели, бидејќи со ДУИ постигнаа договор за коалицирање за локалните избори, и тоа јавно го соопштија. Со истата таа ДУИ која беше верен партнер на десетгодишната криминална власт, истата ДУИ против која марширавме заедно по улиците на Скопје, пред Шарената Револуција, и со Шарената, дел од нас, еден мал дел од делот од сиот тој народ на улиците, поточно, еден мал дел од Албанците кои маршираа како еднакви граѓани против долгогодишниот режим на Груевски и Ахмети уште тогаш го насети правецот кон кој понатаму ќе се движи неговата политика.
Излезе дека поголемиот дел маршираа само против Груевски, бидејќи Ахмети не е во рангот на сечиј интерес, и не ги засега оној дел од граѓанските прашања ако не се однесуваат на нивниот „дел“ од градот. А поделбата на „наш“ и „ваш“ дел од градот е приказна кон која никој не се осврнува, бидејќи исто така не ги засега тие за кои не се однесува за нивниот „дел“ од градот. Како да ви објаснам, заплеткано нели, за тие што имаат очи, нос и грло само за себе.
Да се вратам на нашиот премиер Заев, на којшто очигледно му удрила „славата“ во глава, па заборави дека пред сè, е премиер на држава, и дека ги претставува сите граѓани на Република Македонија во Собрание, и Собранието – на граѓаните на Република Македонија, кога се во прашање одлуките за општествено- политичките прашања што се однесуваат на СИТЕ граѓани на земјата. Не дека неговото однесување беше нешто поквалитетно во изминативе две години, но сепак, граѓаните, оние што на време го препознаа неговиот опортунистички јазик со кој ги хипнотизира љубителите на декларативното народно ослободување од канџите на непријателот Груевски, но не и од ДУИ (се разбира), беа доволно стрпливи и културни да му дадат шанса да се покаже на дело, откако конечно ќе дојде на власт. И да, конечно дојде до тоа за што пекаше со години. Со помош на сите граѓани што застанаа против злото, а многу од нив застанаа и во негова одбрана, па и заштита. Од непријателите што му ги презреа намерите и однесувањето. И да не заборавам, господинот Заев сега има нов прекар – Командант Зајки (на албански – кумановски дијалект).
Политиката на Заев агресивно го зазема местото на политиката на Груевски, со истиот партнер при рака, со идентична партиска машинерија што суди и пресудува (за сега декларативно) секој приговор што се однесува до нивниот лидер. Како што се случи со изјавата на г. Зиадин Села, како дел од разговор во телевизиска емисија во Албанија. Поточно, со дел од изјавата, бидејќи војничињата на СДСМ го превеле само делот со кој ќе ги придобијат народните маси против г. Села, а во прилог на некој од кандидатите на ДУИ. Вчера се приморав да ја изгледам цела емисија, и ви препорачувам да го направите и вие истото, и нормално, ако не разбирате албански, платете си преведувач, или повикајте некој од оние со коишто се фалите „имам еден пријател Албанец“, па нека ви преведе. Со надзор од некој „чесен“ Албанец, за да бидат сигурни дека не лаже во преводот. ВМРО-вска школа? Не би се сложила, ова е стара СДСМ-овска школа од која успешно учеа па ја досовршија ВМРО, а сега во усовршена форма ја практикува СДСМ, во тесна соработка од ДУИ. Како да манипулираме со народот.
Да бидам до крај јасна, ова не е повик до Заев да се прибере и да почне да ја врши работата за која е „избран“ на „демократските“ избори минатиот декември. Бидејќи тој не може веќе да се прибере, толку длабоко е влезен во својот филм и во бесрамното манипулирање со граѓаните. Ова е само едно потсетување, од многуте што ќе следат, дека на оваа влада, како што се одвиваат работите, ќе и се случи улица. И на таа улица нема да има кампување, туку чиста и млада енергија што допрва ќе се произнесе за своите права.
Дотогаш, нека се најде некој да му препише на премиерот наш дневна терапија за сузбивање на вознесеност на самиот себе, од самиот себе.