Односите помеѓу Косово и Србија се историски и политички комплексни. Косово прогласи независност во 2008 година, што беше причина за многу спорови и тензии. Иако стотици земји го признаа Косово како независна држава, Србија и нејзините пријатели, како Русија и Кина, не го прифатија тоа.
Судирите и насилството, на кои сведок беше северот на Косово, го зголемија стравот од дестабилизација на регионот во Западен Балкан, на што албанскиот премиер Еди Рама рече трагедијата со загубата на животот на косовскиот полицаец е најголемото алармно ѕвоно.
Како што е познато, во недела пред 3 часот група од 30-тина Срби поставија два камиона како барикада во селото Бањска во општина Звечан на северот на Косово, а при обидот на косовската полиција да ги отстрани дошло до конфликт во кој е убиен припадник на полицијата и рането едно лице.
Во врска со случувањата на северот на Косово, косовскиот аналитичар и интелектуалец Беким Кабаши за Градска.мк ги коментираше овие случувања, излагањето на српскиот претседател Александар Вучиќ за насилството и дали е можен меѓународна конференција за косовско-српскиот проблем.
Нема друга алтернатива освен дијалог…
„Она што е јасно е дека меѓународниот фактор не гледа друга алтернатива за косовско-српскиот проблем, освен дијалог. Дизајниран процес кој резултираше и со договор, досега е барање на меѓународната заедница. Овој процес, и покрај тоа што влезе во фаза на оспорување, првично од Косово на последната средба меѓу лидерите Курти и Вучиќ во Брисел, продолжува да биде инсистирање на меѓународниот фактор дека е неопходно да се излезе од оваа ситуација и да се продолжи со спроведувањето на договорот„ рече Кабаши.
Ќе се зголеми притисокот за наоѓање на решение – Дали е можна меѓународна конференција?
„Случувања му зададоа уште еден удар на овој процес, на чии резултати меѓународниот фактор гледа со сомнеж, бидејќи страните не покажуваат голем интерес за спроведување на договорот“, вели Кабаши истакнувајчи дека сега меѓународниот фактор уште повеќе ќе го зголеми притисокот врз страните да тргнат кон решавање на проблемот.
Во врска со изјавата на Албанскиот премиер Еди Рама дека треба да се свика вонредна мировна конференција под надзор на ЕУ и САД, а во исто време да се преземат вонредни мерки со КФОР за да се спречи понатамошна ескалација на ситуацијата, Кабаши потенцира дека во Косово често се предлагаше таков формат.
„Рано е да се каже дека решението ќе биде меѓународна конференција како што предложи албанскиот премиер Еди Рама, но таква алтернатива не е дека не се споменува и бара од другите актери. Дури и во Косово често се предлагаше таков формат, бидејќи се сметаше за пореална можност каде притисокот на меѓународниот фактор, а особено американскиот, ќе биде поконцентриран на страните и ќе наметне конкретен договор и одговорност на страните“.
Последните случувања ја доведоа Србија во тешка ситуација
Случувања на северот на Косово ја доведоа Србија во тешка позиција, бидејќи од сите релевантни фактори едногласно беше утврдено дека нападот врз косовската полиција е терористички и добро организиран напад, рече косовскиот аналитичар Беким Кабаши.
„И покрај тоа што сè уште не е можно да се воспостави директна врска на оваа групација со државните институции на Србија, добро е познато дека Србија ги поддржува не само српските политички групи на Косово кои имаат дестабилизирачки тенденции, туку и одредени групи кои даваат отпор дури и со насилство да се отфрли авторитетот на државата Косово во тој дел на земјата“.
Тој нагласи дека ваквиот пристап на српскиот претседател Вучиќ нема да биде добро разбран од меѓународниот фактор.
„Србија се обидува да ја претстави ситуација како насилство на државата Косово врз локалните Срби таму, па дури и вооружената група како организација на локални Срби за да се заштитат од ова насилство. Но, професионалноста на косовската полиција наспроти ситуацијата, ја натера Србија да му се ослаби овој политички инструмент и сега ваквиот пристап на претседателот Вучиќ нема да биде сфатен многу сериозно од меѓународниот фактор“.
Од „грд напад“ до „ужасен терористички чин“ против косовската полиција, како Борел ја заостри реториката
Високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел на првичната реакција во врска со настаните на северот на Косово, ги опиша настаните ги како „гаден чин на вооружена банда против полицијата на Косово“.
Меѓутоа, во соопштението објавено од неговиот кабинет, каде што е прикажано за разговорите што Борел ги имал со премиерот Албин Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, Европската унија го нарече настанот на северот како „кукавички терористички напад врз косовската полиција“.
Обвинителството на Косово објави дека на северот на земјата е пронајдено уште едно тело, при што се верува дека станува збор за лице кое учествувало во вчерашните престрелки. Бројот на убиените напаѓачи со тоа порасна на четворица.
Косовските власти вчера соопштија дека во полициската акција се убиени тројца напаѓачи, а шест лица се уапсени, од кои двајца напаѓачи и четворица кои им давале поддршка. Двајца од убиените биле од Лепосавиќ, а еден од Звечан, две општини со мнозинско српско население.
Според косовскиот премиер Албин Курти, вооружената група која вчера уби полицаец кај селото Бањска ја сочинувале 30-ина луѓе. По престрелките со косовската полиција во текот на денот, напаѓачите упаднале во манастирот во Бањска, од каде што заминале во вечерните часови.
„Напаѓачите кои не се неутрализирани или уапсени успеале пешки да заминат од просторот околу манастирот. Тие зад себе ги оставија возилата што ги користеле во нападот“, изјави генералниот директор на косовската полиција Газменд Хоџа.
Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти меѓусебно се обвинуваат за една од најголемите безбедносни кризи во Косово во последните години. Вучиќ го осуди убиството на полицаецот, но го обвини Курти дека инцидентот е резултат на провокации кои траеле со месеци.
Косовската полиција го претстави арсеналот на запленето оружје
Косовската полиција го претстави арсеналот на оружје конфискувани на северот на ова земја. На фејсбук-страницата полицијата го објави и комплетниот список на запленетото оружје.
Меѓу другото, на списокот стои дека е запленет многу голема количина муниција од различен калибар.
Н. Абдурахмани
извор: Градска мк.