„Една општа критика за ЕУ е тоа дека нема „тврда моќ“. Има некоја вистина во ова. Сепак, никогаш не била намерата ЕУ да биде воен сојуз, не е НАТО. Авганистанскиот дебакл ја истакнува потребата за градење на воените капацитети на Европа, кои остануваат премногу фрагментирани и зависни од САД. Меѓутоа, тие не се во ниту еден случај ирелевантни, како што и се покажа со нашите бројни распоредувања на воени сили низ светот.
Исто така, не треба да направиме превид во однос на економската димензија на тврдата моќ. Колективно, ЕУ, а не Кина, е таа која што има втора најголема светска економија, изразено номинално. Ако на тоа ги додадеме трговските и инвестициските врски, тогаш ЕУ има малку зошто да им завидува на своите конкуренти.
Што се однесува на „меката моќ“ на привлекување и убедување, тоа може да изгледа премногу нестварно за да има значење во глобален контекст, обележан со остри геополитички тензии. Но, меката моќ ги одразува политичките, социјалните и економските трендови кои ја определуваат краткорочната и долгорочната перформанса на било која земја или блок. Тука, исто така, се чини дека ЕУ е во добра форма.
Индексот „Мека моќ 30“ ги оценува земјите според шест категории: културно достигнување и привлекување, дигитална инфраструктура и способности во дигиталната дипломатија, човечки капитал и образовна привлечност, деловно пријателство и капацитет за иновации, дипломатска мрежа и квалитетот на политичките институции. Според оваа мерка, пет од светските топ десет земји – и 16 од топ 30 – се ЕУ земји членки. САД се рангирани на петто место, а Кина на 27-мо место.“
Извадок од анализата „Доза на еврореализам“, од Хавиер Солана, поранешен висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, генерален секретар на НАТО и министер за надворешни работи на Шпанија. Тој е претседател на ЕсадеГео – Центар за глобална економија и геополитика и истакнат соработник во институтот Брукингс.
Објавено на 5 септември, 2021 година.
Текстот е преземен во соработка со Project Syndicate. Линк до оригиналот: A Dose of Eurorealism. Преземање на текстот или на делови од него е возможно исклучиво со атрибуција на изворите: оригиналот на англиски и преводот на македонски јазик.