ВЕСТ НА ДЕНОТ Меркел во Тирана
Германската канцеларка Ангела Меркел, во рамки на прошталната обиколка на балканските земји, денеска пристигна во Тирана.
Таа беше пречекана од министерката за Европа и надворешни работи, Олта Џачка, германскиот амбасадор во Тирана, Петер Зинграф и албанскиот амбасадор во Германија, Артур Куко.
Под силно обезбедување Меркел пристигна пред Палатата на бригадите каде ја пречека премиерот Еди Рама. При поздравувањето Рама и подаде рака, но таа го потсети на протоколите, поздравувајќи го тупаница.
Германската канцеларка имаше одвоена средба со Рама а потоа следува средба на двете делегации, додека заедничката прес конференција е околу 14:35 часот.
Во име на Албанија, премиерот Еди Рама ја одликува германската канцеларка Ангела Меркел со орден со голема ѕвезда во знак на јавна благодарност.
„Данке Ангела! Посебно задоволство е да ве одликувам во име на Албанија со орден со голема ѕвезда во знак на јавна благодарност“, напиша Рама на својот службен Фејсбук профил.
Таа ќе се сретне со шефовите на влади на шесте земји од Западен Балкан, при што во преден план ќе бидат прашањата за регионалната соработка. Планирани се и разговори лице в лице со шефовите на владите на Северна Македонија, Косово, Босна и Херцеговина, и Црна Гора. Посетата на Меркел доаѓа како дел од Берлинскиот процес.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ Симовски: Бројот на граѓаните што одбиваат да се попишат е незначителен, не применуваме санкции
– Сведоци бевме и вчера на изјави на една политичка партија, токму насочени кон тоа да се попречи спроведувањето на пописот. Меѓутоа, добрата работа е што граѓаните не наседнуваат на оваа кампања и самите податоци го покажуваат тоа, изјави Симовски.
Симовски вели дека бројот на граѓаните што одбиваат да се попишат, незначителни и по разговорот со државен инструктор и член на пописна комисија тие луѓе најчесто се попишуваат.
– Не применуваме никакви санкции се уште и се надеваме дека тоа нема да се случи до крајот на попишувањето. Ова, мене лично ми е четврти попис во кој учествувам целосно. Главниот тим на ДЗС се искусни луѓе, кои што поминале повеќе пописи. Сите искуства од претходните пописи, и не само наши, се земени предвид при подготовката на овој попис и не очекуваме некои непредвидливи ситуации, изјави Симовски.
Единствено што не може да се предвиди, рече Симовски, е кога користите технологија дали во секој момент таа ќе функционира, бидејќи колку и да тестирате, не можете да бидете 100 проценти сигурни од самиот почеток како ќе се одвива.
– Не очекуваме натамошни проблеми, меѓутоа сме подготвени и за такви ситуации. Непредвидливи ситуации секогаш може да има, но се обидуваме да ги пресретнеме пред да се случат, а и да се случат веднаш да бидат отстранети, изјави Симовски.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ДИК Сите ОИК во својство на изборен орган должни се да ги почитуваат одредбите од Законот за заштита на личните податоци, согласно кој децидно се уредува заштитата на лични податоци и правото на приватност во врска со обработка на нивните лични податоци, рече на денешната седница на Државната изборна комисија (ДИК), потпретседателката Дитмире Шеху.
ИСТРАГА Германскиот тим од Федералната криминалистичка служба, кој треба да пристигне по завршената претходница деновиве, првично е составен од четворица, и тоа од двајца крим техничари и форензичари за истражување пожари и двајца крим техничари и форензичари за ласерско мерење на простории и за фотографирање.
ХУМАНИТАРНА АКЦИЈА Во Американската амбасада во Скопје денеска се одржа традиционалната крводарителска акција во чест на жртвите од терористичкиот напад на 11 септември 2001 година.
Американската амбасадорка во земјава Кејт Мери Брнз, која и самата се вклучи во крводарителската акција, најави дека целата помош што ќе биде собрана преку „American corners“ мрежата во земјава, ќе биде донирана за семејствата на починатите во пожарот во модуларната болница во Тетово.
СОБРАНИЕ Пратениците од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ побараа од претседателот на Собранието Талат Џафери како прва точка на денешната 50-та седница, да се најде предлог-одлука за разрешување на Венко Филипче од функцијата министер за здравство, што беше одбиено од спикерот на Парламентот, со образложение дека, согласно Уставот, таквиот предлог треба да биде доставен од страна на претседателот на Владата. Џафери потенцира дека таков предлог не добил од премиерот.
Претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина 50-та седница пред да биде изгласан нејзиниот дневен ред и ја презакажа за утре во 12 часот, откако претходно пратениците од опозицијата, рекоа дека денеска нема да учествуваат во работата на Парламентот, поради тоа што не беа ставени како точка на дневен ред нивните предлог-одлуки за разрешување на министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани, а ниту пак од Владата беа доставени нивните оставки.
ПОЛИТИЧКИ ОКЕЈ КОРАЛ
Продолжуваат партиските препукувања околу оставката на Венко Филипче. Но, покрај препукувањата за трагедијата во Тетово, политичките партии се обвинуваат за ширење на лажни вести поврзани со „нон-пејперот“ за македонско-бугарскиот спор.
Алијанса за Албанците се откажа од општините Кичево и Чашка за да не ги расцепкаат гласовите на Албанците.
ДУИ на овие локални избори ќе има повеќе жени, млади и лица кои доаѓаат од граѓанскиот сектор.
ИЗБОРЕН МОНИТОРИНГ
Во тек е повикот за краткорочни изборни набљудувачи на ЦИВИЛ. Заинтересираните можат да се пријавуваат по пат на едноставна онлајн апликација до 30 септември. На медиумската платформа на организацијата достапни се и одговори на најчесто поставуваните прашања. Во овој период се спроведува и долгорочен изборен мониторинг, кој беше интензивиран од 15 август.
ГРАЃАНСКА ПРИЈАВА ЦИВИЛ спроведува и долгорочен мониторинг на дезинформациите и говорот на омразата. Како и во низа други области, тоа се прави во блиска соработка со граѓанките и граѓаните. Меѓу другото, достапна е и Граѓанската пријава на која може да се пријавуваат случаи на дезинформации и говор на омраза, но и кршење на човековите права, корупција, дискриминација и низа други негативни појави во општеството.
ПРИЈАВА НА ИЗБОРНИ НЕРЕГУЛАРНОСТИ За време на изборниот процес, на располагање е и веб страницата Слободни избори со онлајн формулар за пријава на изборни нерегуларности.
СЛОБОДНА ЗОНА
„За реакциите на општата, непартиска јавност, пак, можеме само да нагаѓаме, бидејќи нема релевантно истражување за тоа како и каде сега се движат трендовите во јавноста, но ситуацијата добива на дегутантност и поради, од една страна, бројните стории за низа болнички искуства на пациенти и нивни роднини во борбата со ковидот, но и заради голата борба на политичарите за освојување на власта. Играњето со емоциите на гласачите – тоа го прави ВМРО-ДПМНЕ, во недостаток (сѐ уште, истрагата е во тек) на елементи за фактичка вина на Филипче – е секогаш деликатно, па затоа и опасно морално-политичко оружје коешто неретко знае да го отепа оној што во политиката посегнува по него. На крајот, јавноста, сумарно, има подобро чувство за прашањата на достоинството и мерката на пристојност од вревата на партиските машинерии и нивните пропагандни кампањи.“, Сашо Орданоски во колумната „Кој си игра со емоциите, на крајот од емоциите (политички) и гине“.
Д. Тахири