По повеќе од една деценија на власт, кога екологијата и заштитата на животната средина беа на последно место во агендата на владата која ја предводеше, ВМРО-ДПМНЕ сега ги мери минутите откако СДСМ е на власт.
Така, во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ се констатира: „Ветувањето на СДС за чист воздух е голема измама, се губат човечки животи а владата не превзема ништо. Шилегов е градоначалник повеќе од еден месец, а СДС пола година раководи со владата нема суштински мерки против загадениот воздух.“
Без оглед на тоа колку ВМРО-ДПМНЕ има кредибилитет да говори за загадувањето или не, состојбата на животната средина е загрижувачка. Дури и во денови кога нема многу сообраќај и времето е ведро, индексот на загадувањето е релативно висок.
Според ЦИВИЛ, во чии рамки дејствува организациската единица Зелен ЦИВИЛ, опоменува дека е крајно време новите власти, на локално и национално ниво, да започнат со спроведување итни мерки за санирање на последиците од долгогодишното занемарување на оваа област.
„Некои мерки може да бидат непопуларни и да предизвикаат реакции, но конформизмот мора да се напушти, за доброто на здравјето на сите“ – се вели во денешното соопштение на Зелен ЦИВИЛ.
Џ.Д.