Жестоки критики на сметка на власта, одложување на изборите, повлекување на аболицијата на Иванов, ослободување на медиумите, департизација на судството и низа други мерки и реформи за излез од политичката криза во Македонија, се дел од ставовите на највисоките претставници на над дваесет политички партии кои денеска беа дел од четвртата јавна дискусија на тема „Плурализмот и политичката криза“ во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода. На јавната дискусија присуствуваа над 50 претставници на организациите на граѓанското општество, медиуми, граѓански иницијативи и дипломатските претставништва и мониторинг мисии во Република Македонија.
Џабир Дерала, ЦИВИЛ, ги постави темите и прашањата за дискусија и ги изнесе ставовите, препораките и барањата на организацијата. Изборниот процес, импликациите од одлуката за бојкотирање на изборите, како и прашањето дали тоа ќе придонесе кон решавање на кризата или ќе ја продлабочи, беа појдовни теми за дискусија. Понатаму, се говореше за тоа дали треба да има нов датум за избори или мора да се инсистира прво да се создадат услови за слободни избори, а потоа да се утврди датум за нив.
Прв зборуваше Павле Трајанов, претседателот на Демократскиот Сојуз. “Доколку само ВМРО-ДПМНЕ оди на избори, кризата ќе се продлабочи и ќе стане потешка. Не треба да има нов датум за избори, сѐ додека не се спроведат реформи. Треба да се создаде експертска (а не политичка влада)”, смета Трајанов.
Ивон Величковски од Либералната Партија, зборуваше за политичката криза, и што треба да се направи за излез од кризата. “Новата плурална политичка карта на Македонија се исцртува, можеби тоа некого плаши, но тоа нас нѐ радува. Треба да се направи концентрациона влада, исклучива за партиски апаратчици, а инклузивна за активисти и граѓански сектор. Треба да има цивилна контрола над тајните служби, медиумски реформи, една изборна единица, попис. Партиите можат да договараат датум само за Ден на дрвото, но не можат да договараат датум за избори”, истакна Величковски.
Оставка на Државната изборна комисија, како причина за непрочистениот Избирачки список, треба да биде разврска на оваа политичка криза, смета Лилјана Поповска од ДОМ. Според неа, тврдењето на ДИК, дека Избирачкиот список е прочистен, е контрадикторно со нивната изјава за над 330 илјади сомнителни лица.
“Груевски фамилијата ја претворија ВМРО-ДПМНЕ во злосторничко здружување. Избори на 5 јуни нема да има. Вељановски ќе се посипа со пепел и ќе го свика повторно Собранието. Избори мора да има и ќе има, кога ќе се создадат услови. Аболицијата на Иванов е ставање на печат и верификација на криминалот. Замислете во каква паника бил Груевски, кога го повлекол последниот очајнички потег, користејќи го претседателот на државата”, заклучи Горан Мисовски од НСДП.
Ердоган Сарач од ДНЕТ, ја поздрави можноста и просторот кој со оваа дискусија им се дава на претставниците на турската заедница во Македонија. “Драго ми е што тука имаме можност да зборуваат и другите, а не само Македонците и Албанците. Заради немањето на државнички капацитет на луѓето од власта, сме дојдени во оваа ситуација. Да живее граѓанинот, за да живее државата”, порача Сарач.
“Без решение, не може да има избори. Во Македонија во ниту една варијанта не може да се разговара за датум, сѐ додека нема реформи. Последиците ќе бидат многу тешки за државата и граѓаните ако се оди на избори на 5-ти јуни. Решението е во експертска влада, за национален спас. Без враќање на владеењето на правото, не може да има избори”, се согласи и Весел Мемеди од НДП.
За Агон Ферати, потпретседател на ДР ДПА, “последиците кои може да ги трпат граѓаните ако не се спроведат минималните реформи за подигање на претставувањето и демократијата се големи. Треба да има и внатрепартиски реформи, за претставниците достоинствено да ги претставуваат граѓаните. Моделот со 6 изборни единици и полтронството кон лидерите на партиите не гарантираат ниту внатрепартиски реформи, ниту реформи на државно ниво”.
“Грешката се направи во Пржино со одредување на датумот, пред да се работи на реформите познати за јавноста. Институциите треба да го прочистат Избирачкиот список. Треба да се спроведат реформи, без да се определува датум. Со помош на меѓународната заедница, со помош на новиот германски специјален пратеник, со помош на сите нас, политичките субјекти, оваа криза создадена од ВМРО/ДУИ/ДПА ќе биде решена”, истакна Зулфи Адили од Унитети.
На ставот дека нема услови за слободни, фер и демократски избори на 5-ти јуни се надоврза и Слободан Угриновски од Титови леви сили. “Нема услови за избори. Аболицијата ја усложни ситуацијата. Четворица не можат да ја решат ситуацијата, треба да бидат вклучени и другите. Решенијата од Пржино се нестручни, зарем опозицијата не знаеше со кого си има работа? Како никогаш досега, опозицијата и граѓаните се силни, и можат да ја згазат власта како шлепер жаба”, смета Угриновски.
Различен став по прашањето за тоа дали се исполнети услови за избори на 5-ти јуни, сподели претседателот на НДМ, Јанко Бачев. “Ние ќе настапиме на овие избори, и утре ќе поднесеме кандидатски листи. Оваа криза треба да се реши на домашен терен, со наши сили. Странците се тука, утре ќе си отидат. Избирачкиот список е горе-долу во ред. Информациите за 300 или 500 илјади фантомски гласачи, не се точни”, смета Бачев.
“Ситуацијата е полоша отколку што изгледа. Единствено зошто не стана посериозна е поради Албанците и нивните партии кои покажаа висока државотворност, за која најискрено им благодарам. Тешко е без мајка, тешо е без татко, но најтешко е без татковина”, порача Ламбе Арнаудов од ВМРО-НП.
Зекирија Ибрахими од Беса, смета дека за излез од кризата потребни се сериозни решенија и промени. “Македонија нема потреба за козметички реформи, туку за коренита редефиниција. За жал, реалноста денес ја потврдува нашата констатација: претседателот ја злоупотребува функцијата со аболицијата, премиерот е повеќепати помилувано лице итн. Во ваква држава е несреќа да си државјанин. Не ни требаат брзи решенија, туку редефиницја од корен, за кризата да не ни се повтори. Услови за избори на 5-ти јуни нема, и Беса нема да оди на избори кои легитимираат кражба и диктатура”, заклучи Ибрахими.
Дали државата или партијата?, праша Никола Бабовски од Демократскиот сојуз на Власите. “За жал, за многумина во Македонија, во моментов не е значајно ниту едното, ниту другото, туку спасување на главата, преку аболицијата која на некои им ја подари Иванов. Ние во Македонија се бориме против домашниот фашизам. Македонија не заслужува криминални избори на 5-ти јуни. Тие нема да се одржат, бидејќи не владее правото. Се додека на власт не се врати правото, а не партиите, ќе немаме кредибилни избори”, смета Бабовски.
Јове Кекеновски, еден од основачите на ФРОДЕМ, смета дека преговорите кои се водат во моментот нема да донесат позитивни промени. “Се водат тајни преговори, станувам песимист дека ваквите дебати се јалови, но, нека остане запишано. Сегашните преговарачи немаат капацитет и кредибилитет да ја решат кризата. Една година по потпишување на Пржино, ситуацијата е уште полоша. Имаме тензична состојба, на раб на братоубиствена војна, за спас на политичарите. Имаме правна, уставна, безбедносна криза. Треба да се внесе 5-тиот елемент, кој ќе ги претставува граѓанскиот сектор, малите партии и фракциите, кои ќе ги освестат оние што преговараат. Треба експертска влада, за демократска консолидација”, предложи Кекеновски.
Според Марјан Огњановски од Обединети за Македонија, “власта е разголена, дури и на малите деца им е јасно што се случувало во овие 10 години владеење на оваа криминална банда. Треба во целост да се имплементира договорот од Пржино, да се повлече аболицијат, а на таканаречениот претседател Иванов да се овозможи непречена работа на СЈО како криминалците од власта би завршиле на историското буниште, а чесни луѓе во ВМРО-ДПМНЕ, за кои сум сигурен дека ги има, да добијат шанса.”
“Македонија може да успее ако сме несебични и ја оставиме суетата на страна. Повеќето партии од опозицијата бевме индиректно вклучени во Пржино, имавме состаноци, координации, и нечесно е да се каже дека не сме биле вклучени. Избори на 5 јуни не може да има, а ние сме во криза благодарение на ДПМНЕ и владејачките партии”, смета Билјана Јовановска од ПЕП 21.
Акија Мустафовски од ПЕИ, зборуваше за искуството на лидерот на неговата партија. “Оваа корумпирана власт знаеме како настапуваше, од рушењето на Космос и притисоците кон нашиот претседател. Треба да се повлече аболицијата, да се создаде експертска влада, да не се одредува датум се додека не се создадат услови за избори. Се прашувам како може тие што ја создадоа кризата, сега да преговараат?”, праша Мустафовски.
Поради тоа што лидерот на Левица, Здравко Савевски е во домашен притвор, ставот на Левица, го презентираше Марија Џонс. Зборови што се слушаат по улиците на Скопје се: слобода владеење на прваото и демократија. За да владее правото треба да се договориме сите. Дајте еднаш да видиме владеење на правото.
“За да се изгради слободно и демкоратско општество за сите граѓани, треба да се познаваме, но за тоа треба да се слушаме. Најавениот бојкот од опозицијата е повеќе од разумен, условите не се исполнети, тука е и скандалозната одлука на Иванов. Избори на кои некој ќе се натпреварува сам со себе нема да бидат признаени од никој, но ние треба да се потрудиме тоа да не се случи”, истакна во своето обраќање Фатон Алити од ПДП.
Стојанче Ангелов од Достоинство, категоричен дека избори на 5-ти јуни се недозволиви. “Избори на 5-ти јуни не треба да има, не смее да има, нема да дозволиме да има. Датумот не смее да се определува однапред, но не смее да се одолговлекува до недоглед. 6 до 12 месеци се доволни да се подготват општи избори – локални, парламентарни и претседателски за идната пролет”. Ангелов, се обрати до Зоран Заев, како што го нарече, “неформалниот лидер на опозицијата”, со препорака да притисне за барањето Македонија да биде една изборна единица.
Последен на јавната дискусија се обрати лидерот на единствената политичка партија која е дел од Договорот во Пржино, кој ја прифати поканата на ЦИВИЛ, за учество на денешниот настан, Зоран Заев. “Преговори нема, има билатерални разговори, ние и другите партии – со странците. Преговори ќе има кога ќе се повлече аболицијата и ќе се одложат изборите. На 5-ти јуни избори нема да има и не може да има, не заради Зоран Заев, тука заради тие граѓани кои се на улиците, и заради сите аргументи. Дали може да се свика Парламентот? Да! Пет-шест или повеќе членови на ДИК треба само да го известат претседателот на Собранието, Трајко Вељановски дека услови за избори нема, затоа што не е прочистен Избирачкиот список. Тоа е доволно за свикување на парламентарниот состав”, предложи Заев. Според него аболицијата мора да се повлече затоа што е против уставна. Поради тоа, Заев како еден од помилуваните, не ја прифаќа аболицијата.
Со одговори на големиот број на прашања од присутните, како и на прашањата од Твитер и Фејсбук, заврши јавната дискусија, на која покрај претставниците на политичките партии, присутни беа голем број на медиуми, граѓанскиот сектор и представници на дипломатските и конзуларните претставништва во државата.
Редакција на ЦИВИЛ Медиа