ДРАГАН МИШЕВ
Каков фејкер. Се стуткал во седиштето на купето од возот на релација Виена – Стразбур, ги свиткал болните коленца, во скромен, навидум небрендиран дукс. Уште му фалеше од тој „претседателскиот сендвич“ со паризер, завиткан во целофанче во скут, за да биде целосна слика и прилика на својот идол од север. Каква идилична пиаровска композиција. Масло на платно.
И голта, толпата, голта, срка со лажица посно гравче, посна зелка, попара од стар леб. „Ако треба за Македонија леб и кромид ќе јадам“- викаше (и буквално, додека му се напнуваа вратните жили) еден поранешен пријател пред да извади бугарски пасош. Од „морални причини“, се разбира, исто како Сања, Жидас и останатите од плејадата истакнати „патриоти“ од најпатриотската партија.
Е сега, малку (пази малку) од оваа слика и прилика на лидер од и за народот отскокнува рачниот часовник на левиот зглоб вреден околу 15000 евра. Дека и тој живеел од професорска плата, па и на него влијаела инфлацијата, а во меѓувреме склопувал милионски бизниси додека сам се снаоѓал низ животот, и се снашол како асистент на татко му, на буџетски товар на државниот универзитет.
Па нели поради болните коленца мораше кутриот да лета со бизнис класа и да плаќа скапи авиобилети (со буџетски средства, се разбира). Ги излечи ли во меѓувреме? Природно, или има некој посебен третман. Можеби го попушти откако се олесна од товарот што го носеше сиве овие години во опозиција, откако сега призна дека предходно напаѓаниот Преспански договор всушност да ти бил дипломатско ремек дело.
Не, сериозно, ако имаш некој третман за лекување на болни коленца, де кажи го. Баба ми долги години ја мачат болки во колената, дај некако да и помогнеме на жената, кажи го волшебниот „иљач“, биди и ти барем еднаш од корист.
Однапред благодарам.
Поздрав, путуј Мицко, и молим те не нагињи се кроз прозор.
Текстот е личен став на авторот
ПРОЧИТАЈТЕ И:
Да му помогнеме на премиерот Мицкоски поевтино да лета, поевтино да нé чини