(Не)научените лекции од локалните избори во 2017 година од денеска се достапни и онлајн. ЦИВИЛ одржа извонредно успешна презентација на публикацијата „Слободни избори: Научени лекции“ на 15 февруари. На презентацијата, на која се обрати и Заменикот на Амбасадорот на Сојузна Република Германија, Марко Акватичи, во присуство на бројната публика, се разви жива дискусија за повеќе аспекти на изборниот процес.
Претходно, ЦИВИЛ му достави препораки за изборни реформи и измени во Изборниот законик, на Министерот за правда, Билен Салији. Тие препораки се содржани и во оваа публикација. Анализа на политичкото финансирање, детални анализи на првиот и вториот круг на гласањето на локалните избори, извештаи за изборните нерегуларности и работата на Државната изборна комисија и низа други содржини се објавени во оваа публикација.
„Ниту криеме, ниту ублажуваме. Ги објавуваме фактите без цензура, а ставовите ги изнесуваме отворено, директно и остро. Препораките што ги доставивме и ги објавивме се засновани на реални потреби на граѓанките и граѓаните на Република Македонија. Тие се остварливи, само доколку има политичка волја не само од владејачкото мнозинство, туку и од опозицијата“ – изјави Џабир Дерала од ЦИВИЛ и дел од авторската екипа во која е тимот на ЦИВИЛ и на Експертскиот борд, меѓу кои се и д-р Сашо Орданоски и д-р Хедер Роберсон.
ЦИВИЛ ќе ги достави препораките за изборни реформи и до премиерот Зоран Заев и другите ресори во Владата, како и до меѓународната заедница. Тимот на ЦИВИЛ е на располагање на медиумите за дополнителни информации и изјави во секое време. Оваа публикација доаѓа во време кога ДИК е обезглавен, Избирачкиот список сѐ уште е разочарувачки лош, Изборниот законик покажа низа недостатоци, а изборниот модел ни оддалеку не овозможува целосно демократски изборни процеси. Политиките и практиките во сферата на изборните процеси се подобрени, изборниот процес во 2017 година е оценет како слободен за прв пат по долго време, но останува да се направи уште многу за кратко време.
Публикацијата може да се преземе ТУКА. Сите права се заштитени. Преобјавување на публикацијата или делови од неа не се дозволени, освен со писмена дозвола од издавачот.