Лавина од реакции предизвика говорот на претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, кој на партиски настан, медиумите (Алфа и Телма) ги нарече непријатели на Албанците. На оваа изјава, но и на други примери од минатото, реагираше и ЦИВИЛ. Со реакции излегоа и ЗНМ, АВМУ, како и низа медиуми.
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети за време на говорот во Гостивар ги коментираше поделбите во партијата, и кажа дека овие поделби им служат само на непријателите на Албанците.
„Кому му служиме со овие поделби што се прават? Се разбира на непријателите на Албанците, тие „аплаудираат“. Алфа, Телма, Мелма, тоа се тие. Што добија Албанците кои беа поделени во минатото, што? Не добија ништо“, рече Ахмети.
Цивил
„Вербалните напади против медиумите се напад врз слободата на говорот!“ – гласи насловот на соопштението на Цивил.
„Цивил – Центар за слобода ги осудува сите облици на дискредитација на медиумите кои многу често потекнуваат од изјавите и однесувањето на дел од политичарите, во директна и индиректна форма. Со премногу леснотија, работата на медиумите се генерализира или се посочуваат одредени новинарски куќи или професионалци како непожелни или злонамерни. Дури и изјавите во кои политичарите индиректно осудуваат одредени медиуми, може да предизвика говор на омраза, па и насилство од нивните поддржувачи“, се вели во соопштението на Цивил.
Во тој контекст, Цивил остро реагира и го осудува говорот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој на трибината на ДУИ во Гостивар, медиумите (Телма и Алфа) ги нарече „непријатели на Албанците“, алудирајќи на состојбата со „огнената група“. Таквиот начин на дискредитација претставува атак врз сите медиуми, а со тоа и врз демократијата и слободата на говорот.
Цивил истакнува дека ова не е осамен пример.
„Долгогодишна е и праксата на дел од партиите да ги блокираат медиумите што не се под нивна контрола и да одбиваат секаков вид комуникација со нив. Таков е примерот со ВМРО-ДПМНЕ кои со години не одговараат на новинарските прашања од ЦивилМедиа, но и од многу други медиуми“, истакнуваат од Цивил.
Реакции од Редакциите, регулаторните и саморегулаторните тела
Редакцијата ЦивилМедиа, која функционира како посебна организациска единица на Цивил, се обрати до повеќе редакции за коментар на овој случај, како и воопшто за односот на политичарите кон медиумите.
Порталб
Од редакцијата на информативниот портал „Порталб“ изјавија дека е опасен тренд кога партиските лидери коментираат со цел да ги дискредитираат медиумите.
„Слободните медиуми се суштината на демократијата. Многу опасна тенденција е кога партиски лидери и разни функционери коментираат со цел да ја дискредитираат работата на медиумите. Оваа тенденција ја загрозува слободата na говорот и, како последица на тоа, демократијата во земјата. Северна Македонија, како земја која цели кон членство во Европската Унија, каде партиите постојано се повикуваат да ги почитуваат европските вредности, не може да дозволи вакви случаи. Во Европа не се влегува со притисок врз медиумите“, велат за ЦивилМедиа од Порталб.
Независен.мк
Од порталот Независен.мк истакнуваат дека изгледа мора да се навикнеме на новото „нормално“.
„Кај нас тоа изгледа прилично невообичаено. Ако изјавата на Али Ахмети може да се земе како повод, би требало да се биде попрецизен. Ахмети таму вели дека Алфа и Телма „ракоплескаат“ на „непријателите на Албанците“, што не е исто со оценките дадени некаде дека тие се „непријатели“. Изгледа дека мора да се привикнуваме на новото „нормално“. Доналд Трамп четири години ги нарекуваше предводниците на слободниот печат, „Њујорк тајмс“ и „Вашингтон пост“, како „лажни вести“ и „непријатели и измамници“. Но тоа, најпосле, не му му помогна. Времињата се променети, медиумите и политичарите, исто така“, се вели во одговорот на Независен.мк.
Според Независен.мк, не треба да се занимаваме со поплаки, туку со зголемување на професионализмот и посветеноста на новинарите и инвестирањето во редакциите.
Медиумите, за жал или за добро, се во истиот општествен котел и не можат како некакви „слободни ангели“ да гледаат одозгора како општеството врие. Оттаму доаѓаат и ваквите ситуации. Со поплаки медиумите нема да си помогнат, туку само со зголемување на професионализмот и посветеноста на новинарите и инвестирањето во редакциите. Тоа е најдобриот начин за спротивставување на хировите на политичарите, кои често ги губат претставите за сопствените граници“, изјавија од Редакција Независен.мк за ЦивилМедиа.
Фокус
Влатко Стојановски, Главен уредник на неделникот Фокус за ЦивилМедиа изјави секој политичар треба да знае дека дискредитацијата на медиуми, чие известување не им се допаѓа, се коси со заложбите за слобода на говор, независни медиуми и професионално новинарство.
„Секој политичар и јавен функционер треба да знае и да биде свесен дека етикетирањето и дискредитацијата на медиуми, чие известување не им се допаѓа, се коси со заложбите за слобода на говор, независни медиуми и професионално новинарство, а многу лесно може да поттикне јавна хајка кон медиуми и линч кон новинари. Сите декларативно се залагаат и ги бранат овие принципи и вредности, меѓутоа честопати на дело се демонстрира токму спротивното, а тоа го потврдува и последниот настап на Ахмети, кој одлучи јавно да прозива и дисквалификува медиуми, бидејќи тие известувале за нарушените односи во неговата партија, што е неспорен и очигледен факт. Ваквите практики потсетуваат на едно минато време, кога Никола Груевски од позиција на премиер побара граѓаните да не им веруваат на одредени медиуми, што беше во функција на креирање на амбиент за она што следуваше – офанзива за затворање на медиуми под маската на наводна борба против криминалот. Во тој контекст, и Зоран Заев си дозволи еден непотребен излет, кога како опозициски лидер маркираше медиуми како политички непријатели, без оглед што и прислушуваните разговори покажаа дека тогаш скоро сите мејнстрим медиуми беа поклопени од власта, чии цензори ги диктираа новинарските содржини. Политичките промени донесоа одредена демократизација која се рефлектираше и во медиумскиот простор, но овој настап на Ахмети, кој за волја на вистината не е единствен, практично ги разоткрива политичките елити дека кај нив се уште доминира матрицата медиумите да се третираат како проблем што треба да се реши, доколку, се разбира, тие не се подредени на нивните политички цели“.
Слободен печат
Од друга страна, од „Слободен печат“ изјавија за ЦивилМедиа дека, кога политичарот ќе се дрзне да „оценува“ некој медиум, во тој момент престанува да биде политичар и станува хушкач – ама не обичен, туку опасен – некој кој целиот медиум го претвора во мета за отстрел.
„Кога политичарот ќе реши да не го користи, да го игнорира, неговото право на реакција (демант на одредена информација) тој ги „укинува“ и правата на другиот (на медиумот) и се поставува од онаа страна на законот, темелот на државата. Што значи почнува да дејствува како шеф на отпадничка банда, кој на верните членови им посочил жртва за напад“.
ТВ 24 вести
Сеад Ризвановиќ, уредник од „24 вести“, изјавата на Али Ахмети ја спореди со тоа на поранешниот премиер во бегство Никола Груевски кога рече „да не се верува на Утрински весник, Шпиц и А1 Телевизија“.
„Оваа изјава е проблематична од повеќе аспекти. Прво од суштината на самото име на партијата кое го вклучува зборот “интеграција”, а Али Ахмети и другите претставници на ДУИ цело време зборуваат за Албанците како за етничка категорија. Второ оваа изјава многу наликува на онаа изјава на Никола Груевски “да не се верува на Утрински весник, Шпиц и А1 Телевизија”, после која овие медиуми беа егзекутирани. Лидер на партија во демократска држава во 21 век да антагонизира медиуми е неприфатливо и спротивно на основните принципи за медиумски слободи. Дали имитирањето на Али Ахмети на Никола Груевски преставува вовед во некаков напад на овие медиуми сега останува отворено прашање“, изјави Ризвановиќ за ЦивилМедиа.
ТВ Алфа
Директорот на „ТВ Алфа“ Јани Бојаџи преку реакција вели дека телевизијата „е пријател на Албанците и на сите националности кои живеат во Македонија“.
„Телевизија Алфа е пријател на Албанците во Македонија и секаде во светот. Телевизија Алфа е пријател на секоја националност во Македонија. Господинот Али Ахмети да излезе од адреналинот, да ги симне еполетите и да се врати во светот на цивилите каде што нема непријатели“.
ЗНМ
Остри критики на адреса на Ахмети упати и ЗНМ.
„Оваа скандалозна изјава е штетна и може да ја загрози безбедноста на новинарите и медиумските работници а со тоа да се поттикне цензура во поширок контекст. Изјавата е посебно проблематична што доаѓа од претседател на политичка партија која е дел од власта и истата може да стимулира напади и закани врз медиумите и новинарите од страна на партиските припадници, а тоа може да повлече многу негативни последици на слободата на изразување“, се вели во соопштението на ЗНМ.
Новинарското здружение го потсети Ахмети, но и неговите колеги од другите политички партии, дека новинарите се гласот на јавноста.
„Го потсетуваме Ахмети, но и неговите колеги од другите политички партии, дека новинарите се гласот на јавноста и нивна главна задача е да истражуваат и да поставуваат прашања кои се од јавен интерес, додека политичарите се тие кои треба да дадат одговори на тие прашања и да обезбедат безбедни услови за вршење на нивната работа“, велат од ЗНМ.
ССНМ
И Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници реагираше на изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
„ССНМ смета дека ваквиот говор на Ахмети е недозволив и крајно опасен за слободата на говорот и на медиумите во земјава, како и за демократскиот амбиент за кој тој декларативно се залага во изминатите дваесетина години“, велат меѓу другото од ССНМ.
АВМУ
АВМУ упати остра осуда на вчерашната изјава на претседателот на ДУИ Али Ахмети со која телевизиите Телма и Алфа ги етикетираше како непријатели на Албанците.
„Јавните личности, а особено претседателите на политичките партии треба да бидат свесни дека слободата на изразување подразбира и одговорност. Наместо да се служат со непримерна комуникација, тие треба да служат за пример и да покажат највисоко ниво на почитување на еден од клучните столбови на демократијата – медиумите“, пишува во соопштението на АВМУ.
Назми Абдурахмани