Правда за Алмир! Граѓански протест против преквалификација делото во случајот Алмир Алиу, е закажан за денеска, 22 јануари 2018 година, 14.00 часот, на Камени Мост, во Скопје. „Убиство, а не сообраќајна несреќа!“ е пораката на семејството и револтираните граѓанки и граѓани, по стравувањата дека се прават обиди делото од убиство да се преквалификува во „сообраќајна несреќа со смртни последици“.
Се работи за трагичниот и насилен инцидент во Куманово, јули 2016 година, кога Бобан Илиќ го прегази 4-годишниот Алмир Алиу.
https://www.youtube.com/watch?v=ddWmFkDDC2w
Како што објави ТВ Алсат-М, Републичкото обвинителство на следното рочиште кое ќе се одржи утре, 23 јануари 2018, може да одлучи да се преквалификува делото во случајот на малиот Алмир Алиу од „убиство“ во „сообраќајна несреќа со смртни последици“. Ваков можен чекор, според изворите на Алсат-М, доаѓа по жестоките судири меѓу обвинителите во Вишото и во Републичкото обвинителство, каде се дискутирало за овој случај.
„Обвинителите во овие две институции се поделени по етнички основи, искажувајќи ги своите жестоки конфронтации, едната страна – Албанците настојуваат случајот да остане како кривично дело ‘убиство’, но од другата страна обвинителите Македонци бараат преквалификација на случајот како ‘сообраќајна несреќа со смртни последици’.“ – открива Адриан Керими од Алсат-М.
Доколку се покаже дека обвинителството навистина функционира по етнички основи и го оневозможува пристапот до правда за крвавиот настан кој ја згрози македонската јавност, правосудството во Македонија има уште еден многу сериозен проблем кој мора да го реши веднаш и без одложување.
Џ. Д.