Еден милион бегалци веќе ја напуштија Украина само една недела откако Русија ја нападна земјата, пренесува Укринформ објава на Твитер од високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации Филипо Гранди.
„За само седум дена бевме сведоци на егзодусот на еден милион бегалци од Украина во соседните земји“, напиша тој.
Според Гранди, за уште многу милиони, внатре во Украина, време е пушките да замолчат, за да може да се обезбеди спасувачка хуманитарна помош.
Канцеларијата на ОН за човекови права соопшти дека досега е потврдено оти во Украина загинале 227 цивили, а 525 се повредени.
– Најголемиот број жртви се должат на употребата на експлозиви, гранатирања и тешка артилерија, но и како резултат на напади од повеќецевни ракетни фрлачи и воздушни напади, се наведува во соопштението на ОН од Женева.
ОН сметаат дека реалниот биланс е „значително поголем“, особено затоа што извештаите пристигнуваат со задоцнување од областите каде што се водат интензивни борби.