„Ние мислиме дека нема да биде тешко да се обезбедат 61 потпис, а можеби и повеќе. Тоа што е важно е новата Влада да биде посветена кон реформите, а тоа е важно за целата држава. Потребна е коалиција за реформи и токму поради тоа мислам дека нема да биде тешко да се соберат потписи за коалиција за да се спроведат реформите на ЕУ“, изјави евроамбасадорот во Македонија, Самуел Жбогар.
Според него, важно е новата Влада да биде посветена кон реформите. Потенцирајќи дека ЕУ ќе го надгледува процесот на преговори, Жбогар побара и политичките партии во Македонија да бидат посветени на агендата на Унијата.
Пред да ги почне претседателот Ѓорге Иванов консултациите со политичките партии, Жбогар имаше средба со него, и по сите контроверзи за „надворешните влијанија“ во Македонија, за кои и руското МНР го обвини Запад, денес оцени дека таа средба е нормална во еден демократски процес по изборите.
„Имаше еден обид за формирање на Влада, претседателот имаше консултации со политичките партии и им даде совети за тоа што му е потребно за да може да го даде мандатот на следната личност“, изјави Жбогар.