Сите оние кои што настапуваат во јавната сфера, со свои ставови имаат шанса да обликуваат, како што се политичарите, новинарите, аналитичарите, интелектуалци, воопшто земено коишто со своите текстови, коментари, со своите настапи во дебатни емисии или дури низ своите активности на јавните социјални мрежи имаат силно влијание врз формирањето и креирањето на таа агенда, изјави Сашо Орданоски во интервју за ЦИВИЛ Медиа, објавено на 26 ноември 2020 година.
Нивната одговорност е дотолку поголема што тие не можат да бидат анонимни како што на социјалните мрежи често пати таа анонимност доведува до можност за радикализација, говор на омраза и така натаму бидејќи луѓето што се чувствуваат комотно да кажуваат разни глупости кога не можете да ги поистоветите со нивните вистински идентитети.
Јавните интелектуалци, оние кои што се вклучени во која било сфера од животот која влијае врз политичката агенда ја немаат таа можност, бидејќи одговараат за она што го прават и советот е, се разбира, секогаш да се биде свесен дека зборот може да направи и многу корист и многу штета, во зависност од тоа како што се употребува таа јавна позиција. Иако конечно нема забранети теми но има забранет начин на кој се дискутираат теми, а тоа пред сѐ се однесува на неаргументирани работи, ширење на лаги, ширење на заговори и така натаму, и сè до она ниво кога експлицитно се работи за ширење на говор на омраза.
Мислам дека Македонија во таа смисла се наоѓа во една рамка, на еден однос на силите кој што е многу под влијание од светските текови. Ние знаеме дека во светот политиката воопшто се радикализираше, и со губењето на силата на либералната демократија тие теми се вратија на многу манипулативен мобилизаторски начин во политичките агенди на разни фактори во светот, вели меѓу другото Орданоски.
Оваа содржина е дел од иницијативите и проектите на ЦИВИЛ за промоција на мултикултурализмот и европските вредности, со поддршка од Министерството за надворешни работи и европски прашања на Големото Војводство Луксембург. Ставовите и мислењата изнесени во овие содржини се на самите Автор(к)и и не нужно ги отсликуваат официјалните ставови на донаторите.