Вториот ден од Самитот Отворен Балкан во Белград беше посветен на политичките прашања, и на него, покрај домаќинот, претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерите на Северна Македониј и Албанија, Димитар Ковачевски и Еди Рама, присуствуваа и црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ, како и претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија. Ова е веќе втор Самит на Отворен Балкан, по Охридскиот, кој се одржува во формат 3+2, каде покрај постојаните членки и основачи на иницијативата, како кандидати за членство учествуваат и Црна Гора и Босна и Херцеговина.
На Самитот во Белград учествуваа и министрите за надворешни работи на Унгарија и Турција, Петер Сијарто и Мевлут Чавушоглу, а како гости тука беа и поранешниот американски амбасадор во Македонија, и сегашен амбасадор на САД во Србија Кристофер Хил, како и претставникот на Фондацијата Сорос, Александар Сорос. Покрај Турција и Унгарија, покана за учество беше испратена и до Грција, Италија , како и до други земји од регионот.
Фокусот на овој Самит беше ставен на предизвиците за обезбедување храна и енергенси, на напорите на сите држави во светот за справуавње со последиците од војната во Украина и пандемијата, во услови на глобална енергетска, и прехрамбена криза.
Политичкиот дел од Самитот „Отворен Балкан”, го отвори Претседателот на Србија, Александар Вучиќ во Палата Србија, кој во својот поздравен говор нагласи дека е многу задоволен од тоа како се развива иницијативата Отворен Балкан, потсети дека со Саемот на храна и вино се отвараат поголеми перспективи за соработка, а на партнерите во Отворен Балкан, Ковачевски и Рама им порача дека во Србија имаат своја втора куќа. Тој посебно ги истакна односите со Северна Македонија, со која, како што рече, немаат нерешени проблеми.
Вучиќ им го честита на Северна Македонија и Албанија почетокот на пристапните преговори со ЕУ и изрази надеж дека Иницијативата ОБ и понатаму ќе допринесува за економското јакнење и поврзување, да говориме во регионот заедно со еден глас кога се работи за клучни прашања.
На отварањето на Самитот „Отворен Балкан”, свое обраќање имаше и премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски.
Откако ги поздрави учесниците и гостите на Самитот, истакна дека соработката во рамките на Отворен Балкан не е замена за ЕУ, таа ќе помогне земјите од ОБ да се справат со глобалната енергетска и кризата со храна. Со продлабочување на соработката и договорите кои се потпишани и тиe што на овој Самит ќе се потпишат, ќе овозможи полесно да се надмине кризата во земјите учеснички во иницијативата. Ковачевски посочи дека иницијативата е европска, и се базира на политиката на отворени врати.
„Ако сме добри за нас, ќе бидеме добри и за Европа и светот. Наша цел треба да биде, не само административно отварање на границите, туку и целосно безгранична соработка, истакна Ковачевски во своето поздравното обраќање.
Премиерот Ковачевски истакна дека „денес е повеќе од јасно дека Република Северна Македонија, Албанија и Србија со инцијативата Отворен Балкан го направија вистинскиот чекор во клучен момент“, и низ политиката на отворени врати, особено за другите земји од Западен Балкан, како што се Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово, се цели кон единствен пазар без граници и интеграција во вропската Унија.
Заеднички да се справиме со предизвиците за обезбедување храна и енергенси, во услови на напорите на сите држави во светот за справуавње со последиците од војната во Украина и пандемијата“ – рече Ковачевски.
Ковачевски го истакна предлогот за соработка меѓу српската берза на електрична енергија и македонскиот оператор на организиран пазар на електрична енергија (МЕМО), со цел да се подобрат условите за меѓугранична трговија со електрична енергија. А, во натамошниот период, да се интензивираат и активностите за реализација на гасната интерконекција со Република Србија, истакна Ковачевски и додаде дека веќе потпишавме договор за соработката во заштитата од катастрофи за Западен Балкан, со цел доброволно обезбедување помош во случај на катастрофи, за да можат државите да си помагаат една на друга, согласно расположливите капацитети.
Албанскиот премиер Еди Рама нагласи дека ако има конфликт наместо соработка, не би било можно денес да потпишеме договор за безбедност на снабдувањето со прехранбени производи и да направиме важен чекор за складирање храна и да ги здружиме силите, кога станува збор за енергетската безбедност, рече Рама.
Тоа значи, како што рече, тоа што Србија го има како вишок да може да се пренесе во Северна Македонија и Албанија и обратно, рече Рама и додаде дека Албанија произведува, на пример, струја од хидро секторот, а Србија најмногу од термоцентралите.
Српскиот претседател Александар Вучиќ на прес конференцијата на крајот од Самитот Отворен Балкан изјави дека постојат и одредени несогласувања со иницијативата , што е , како што рече, нормално во демократијата, но подвлече дека не може да сфати како некој луѓе може да работат против себе, при што се осврна на објавите во одредени медиуми за неговото наводно „опивање“предходниот ден на Саемот за вино.
Тука Српскиот претседател нагласи дека неговиот работен ден предходната вечерна кој имал состанок со Рама и Чавушоглу завршил во 23:30, а на состанокот биле дискутирано за значајни прашања.
“А замислете колку работа ќе завршевме доколку некој од нас не беа малку пијани”, изјави Вучиќ .
На прес конференцијата на Самиотот беше споделена информацијата дека во Црна Гора, која е кандидат за членство во Отворен Балкан, е постигната согласност за формирање Влада, по што црногорскиот премиер Абазовиќ истакна дека според последните информации со кои тој располага, во тек се преговори за формирање влада, во која ќе се вклучат истите оние кои ја поддржале ДПС да падне претходната влада чиј премиер беше тој.
Преговорите се водат според истиот документ кој го предложила УРА пред да падне Владата, а кој тогаш не бил прифатен, кажа Абазовиќ при што потврди дека мисли на Демократите, кои го поддржаа ДПС во интерпелацијата на претходната влада. Најверојатно, според Абазовиќ, сега тие му свртеле грб на ДПС.
Абазовиќ истакна дека без УРА не може да има влада, а доколку некои сакаат да одат со ДПС, тој им посака среќа. На прашањето дали се гледа како старо-нов премиер на црногорската влада, тој одговори дека сега на Црна Гора и треба храбар лидер, кој ќе ја спроведе земјата низ кризниот период, а со оглед дека паѓањето на Владата беше поради борбата со организираниот криминал, тоа би требало да биде кандидат кој нема никакви хипотеки кон овие структури во Црна Гора.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во изјава за ЦИВИЛ Медиа истакна дека Западен Балкан е едиствен регион каде што границите се толку цврсти, каде што со часови се чека да се помине, и компаниите и граѓаните.
Нашата цел е, со иницијативата „Отворен Балкан“ тие бариери што стојат на патот на брзо и лесно преминување на границите, и соработка меѓу граѓаните и компаниите, да ја постигнеме што побргу. Наша цел е да ги тргнеме бариерите и не да ги тргнеме границите, туку да оствариме ниво на соработка која ќе ги направи тие граници се помалку важни, нагласи Маричиќ.
Тој посочи дека Отворен Балкан во никој случај не е замена за членството во Европската Унија.
Единствена унија во која што сакаме да влеземе е Европската Унија. Тоа е приоритет на сите држави од Западен Балкан, така што иницијативата Отворен Балкан не може да биде и не е замена за членство во Европската Унија, но сепак, додека да станеме членки имаме обврска кон нашите граѓани, кон нашето стопанство да отвараме нови можности, да овозможиме нашиот регион да функционира како европската унија, да овозможиме нашите луѓе, нашите компании слободно да тргуваат, слободно да работат и слободно да се движатво сите држави од овој регион. Крајна цел е сите овие држави од регионот да станат членки на Европската Унија, истакна Маричиќ.
На Самитот беа попишани договори за механизмите за обезбедување на храна во Западен Балкан како и Меморандум за разбирање и соработка во областа на кинематографијата и аудиовизуелните дејности. Исто така беше потпишан и Оперативен план во областа на цивилната заштита во трите држави.
Д.Мишев