Новиот Јавен обвинител Љубомир Јовески денеска се сретна со претставниците на Здружението на новинарите на Македонија.
На средбата, како што соопштуваат од ЗНМ, се разговарало за подобрување на меѓусебната соработка за прашања од заеднички интерес.
Насер Селмани, претседател на ЗНМ, изразил загриженост дека во Македонија постои политика на неказнивост на насилството на новинари и побарал од Јовевски обвинителството побрзо да ги процесуираат овие предмети со цел насилниците да се изведат пред лицето на правдата.
Селмани, како што сопштуваат од ЗНМ, се пожалил дека во изминатиот период обвинителството ги има одбиено пријавите за говор на омраза против новинари, без сериозна аргументација. Исто така, Селмани побарал обвинителството повторно да ги разгледа овие пријави и да види дали обвинителите постапиле одговорно.
„Беше договорено да се организираат заеднички обуки за новинари и обвинители со цел да се подобри известувањето на новинарите и постапувањето на обвинителите за случаи поврзано со слобода на говорот.
Јавниот обвинител Јовески вети дека ќе даде динамика на предметите за насилство против новинари и ќе ги разгледа одбиените пријави за говор на омраза против новинари. Според него соработката на обвинителството и ЗНМ е од взаемен интерес“, соопштуваат од ЗНМ.