ВЕСТ НА ДЕНОТ
Во домовите во Скопје ќе има парно на 15 октомври, вели Виктор Андонов, советник за енергетика во Кабинетот на премиерот. Во прилог на ваквото тврдење, Андонов рече дека за разговорите со Србија за набавка на гас постои оптимизам кај двете страни дека ќе завршат, ќе функционира договорот и оти ќе се обезбедат потребните количини гас за работа на ТЕ-ТО и на топланите.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
ВОЈНА ВО УКРАИНА
САД подготвуваат нов пакет оружје во вредност од 1,1 милијарди долари за битката на Украина со Русија, кој ќе биде објавен наскоро, изјавија американските власти во вторникот додека Вашингтон го чека исходот од, како што ги нарекува, „лажните“ референдуми во Украина.
*
Руските пропагандисти објавија измислени „резултати“ од псевдореферендуми на окупираните територии на Украина. Така, на окупираните територии на Украина, руските окупатори тврдат дека повеќе од 97% од гласачите го „поддржале“ пристапувањето кон Русија.
Властите кои го поддржуваат Кремљ, исто така, тврдат дека „преброиле“ 100% од гласовите.
*
Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел предупреди дека се што зборува рускиот претседател Владимир Путин треба сериозно да се сфати. Меркел во својот говор на свеченото отворање на фондацијата „Хелмут Кол“ нагласи дека тоа експлицитно се однесува и на нуклеарните закани на Путин.
*
Русија долго време се подготвува за нова анексија на привремено окупираните украински територии и најави мобилизација за да ги повлече Украинците во својата армија, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на разговор со студентите и предавачите на Универзитетот Харвард, пренесува Укринформ.
„Овие денови, Русија се надева дека ќе објави нова анексија на окупираните територии на Украина. Ова е во подготовка долго време, ова е очигледно долго време. Овие лажни референдуми ги гледаме на тие територии кои Русија сака да ги „проголта“. И знаеме не случајно тоа што мобилизацијата во Русија беше најавена во пресрет на оваа нова криминална анексија . Целта е очигледна – окупаторот сака да ги земе жителите на окупираната територија во војска. Или ќе бидете убиени или убивате – Русија сака да принуди стотици илјади Украинци во окупираните земји да направат таков избор“, рече Зеленски.
СВЕТ
Ураганот Ијан, кој носи ветрови до 195 километри на час, сега се движи кон Флорида, каде што треба да удри подоцна денеска. Се очекуваат високи бранови, поплави и силни ветрови. Kако што пренесува Usnews, ураганот Ијан собираше сила во Мексиканскиот Залив откако ја помина Куба и би можел да ја погоди Флорида како ураган од четврта категорија. Околу 2,5 милиони жители на западниот брег на Флорида добиле наредба да се евакуираат, бидејќи се соочуваат со најсилниот ураган од 1921 година.
*
Три турски државни банки планираат да излезат од рускиот платен систем Мир поради предупредувањата на САД за санкции, објави во вторникот Блумберг, цитирајќи неименуван висок турски функционер, пренесува The Moscow Times. Во средата, турската телевизија НТВ објави дека во Турција нема останати банки кои го прифаќаат Мир, што од руски се преведува како „Свет“.
*
Можната саботажа врз гасоводите „Северен тек“ не претставува напад врз Шведска, изјави денеска министерката за надворешни работи Ана Линде.
„Ова не е напад против Шведска, бидејќи тоа не е на наша територија. Тоа е меѓународен инцидент“, рече Линде, наведувајќи дека американскиот секретар Ентони Блинкен понудил поддршка за да се открие што се случило и оти и генералниот секретар на ЕУ и на НАТО Јенс Столтенберг биле информирани.
*
Демократијата се чини дека е загрозена насекаде, од гневни домашни популисти до автократи кои тврдат дека непречената државна моќ произведува повеќе придобивки за обичните граѓани, дека демократиите се премногу бучни и поделени за да ги испорачаат добрата, пишува Њу Јорк Тајмс.
Во рамките на ЕУ, земјите како Унгарија – за кои Европскиот парламент неодамна прогласи дека „веќе не може да се сметаат за целосна демократија“ туку „изборна автократија“ – и Полска претставуваат значителни предизвици за либералната демократија и владеењето на правото.
РЕГИОН
Напорите на властите за реформирање на судството, борбата против економскиот криминал, борбата против дискриминацијата и промовирањето на слободата на изразување и медиумите, како и за унапредување на регионалната соработка, се од клучно значење за подобрување на животот на луѓето од Западен Балкан и Турција.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПРАВДА Во Основниот Кривичен суд во Скопје денеска продолжи судењето за случајот „Софтвери“, во кој првообвинет е поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски. На денешното рочиште сведочеа Горан Трајковски, поранешен директор на Дирекцијата за заштита на лични податоци и Мухамед Зеќири, поранешен секретар на Владата на Република Северна Македонија.
ИНИЦИЈАТИВА Политичката партија Левица денеска до ДИК поднесе предлог за покренување граѓанска иницијатива на државно ниво за распишување задолжителен дополнителен референдум на референдумско прашање: „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година“.
СКРИНИНГ Вицепремиерот за евроски прашања, Бојан Маричиќ на Твитер објави дека е успешно завршен објаснувачкиот скрининг за првиот Кластер „Темели, дека се направени подобрувања, но и дека претстои уште работа.
ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ Денеска се одбележува Меѓународниот ден на Бошњаците, во спомен на 28 септември 1993 година, кога во Сараево се одржа Бошњачкото Собрание и беше донесена одлука за враќање на историското име Бошњак, и да го врати историското именување на босанскиот јазик.
ДОБРО ВЛАДЕЕЊЕ Унапредување на здравствената заштита во затворите, градење на капацитетите за борба против трговија со луѓе кај полицијата, но и во правосудниот систем, социјалните работници и трудовите инспектори, како и јакнење на капацитетите во правосудството за слобода на изразување, слобода на медиуми, заштита на новинарите, се дел од клучните области на кои мора како држава да се насочиме во наредниот период, порача заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на завршната конференција за Проектот „ Акција против економскиот криминал“.
СОЦИЈАЛНА ПРАВДА Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска се сретна со претставниците на Националната федерација на фармери, која го поттикна процесот на решавање на правен механизам за остварување на право на надоместок за мајчинство и боледување на регистрираните земјоделки, информираат од МТСП.
ИНТЕГРАЦИИ Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денеска се сретна со новоназначениот амбасадор на Обединетото Кралство, Н.Е. Метју Лосон.На почетокот на средбата вицепремиерот Битиќи му посака добредојде во нашата земја и изрази сочувство за смртта на Нејзиното Величество, кралицата Елизабета Втора, со желби за успех и добро здравје на Неговото Величество, кралот Чарлс Трети.
РОДОВА ЕДНАКВОСТ Родово праведно општество во кое абортусот ќе биде безбеден, легален и пристапен за сите жени, без стигма и дискриминација е барањето што денеска, на 28 септември – Меѓународниот ден на безбедниот абортус, го упатуваат илјадници поборници за репродуктивна слобода до своите влади во светот.
ДИСТРИКТ
Ретро ДИСТРИКТ 14: Мимоза Ристова, Биљана Јордановска, Атанас Кировски, Љупчо Зиков, Оливера Јовановска
Целите интервјуа гледајте ги на линковите:
Мимоза Ристова: https://civilmedia.mk/ristova-nauchnitsite-sme-kosmopoliti-nie-ne-sozdavame-oruzhje-toa-e-poteba-i-proizvod-na-politikata/
Биљана Јордановска: https://civilmedia.mk/jordanovska-tsivil-ne-e-samo-nevladina-tsivil-e-demokratski-front-na-graganskite-bitki-za-pravo-pravda-i-ednakvost/
Атанас Кировски: https://civilmedia.mk/kirovski-vojnata-vo-ukraina-e-poraz-na-diplomatijata-i-pobeda-na-agresijata/
Оливера Јовановска: https://civilmedia.mk/jovanovska-italijantsite-ne-se-neshto-mnogu-pokulturni-ama-institutsiite-im-se-poodgovorni-i-poefikasni/
ФОТО НА ДЕНОТ
Денес во Скопје, во герила акција, на надвозникот кај Универзитетот на Југоисточна Европа беше поставен транспарент на кој, активисти напишале „Драган Кодошки, дезертер и шпион“, а се однесува на пратеникот на ВМРО – ДПМНЕ, Драган Ковачки.
СЛОБОДНА ЗОНА
Русија организира псевдо-референдуми во делови од Донецката, Луганската, Херсонската и Запорижската област за илегално да ги заземе тие територии. Ниту Украина ниту меѓународната заедница никогаш нема да ги признаат нивните резултати. Но, тоа е сепак опасен развој на настани што треба нашироко да се осуди. Лажното изразување на народната волја на привремено окупираните територии на Украина беше најавено за 23-27 септември. И иако гласачките ливчиња беа веќе подготвени однапред, Русија ги принуди луѓето да учествуваат во создавањето на слика за пропаганда. Луѓето ги запираат на улиците и ги посетуваат дома или на работното место, пишува украинската новинарка Вероника Лутска во текстот „ Референдумот на Русија во Украна е нелегален и нема да биде признаен од светот, кои може да бидат последиците?“
Д.Мишев