Ја разбравме пораката. Не лагата и спинот, туку пораката. Груевски бара влез во ЕУ и НАТО за Македонија. По кој знае кој пат, како папагал! Се изнасмеав кога го замислив како, во затворска ќелија, додека ја прима терапијата, ги држи рацете свиткани во лактите оддалечени пола метар, го кажува истото, а Македонија веќе одамна влегла и во ЕУ и во НАТО.
И по кој знае кој пат, уредниците во медиуми што не се под негова контрола, решаваат да го објават тоа. Како тој да нема своја ТВ Бастиља и безброј сè уште верни држачи за микрофони и курири. Груевски и неговиот агитпроп тим немаат идеи. Но, тоа не значи дека треба сега секој ден да го слушаме, читаме и гледаме истото. Што се прави со ова? Во потрагата да се биде независен и објективен, не значи дека треба да се падне во пропагандната стапица на криминалците и да дозволиме тие да се наметнат како про-европски елемент.
Груевски и неговото злосторничко здружение со години ја хранеа омразата кон европските вредности, ги уништија интегративните процеси и ја туркаа земјата во студената прегратка на Русија. Сега биле проевропски и за НАТО?! Притоа, речиси дрско, а навидум конструктивно, тие имаат барања и од европските институции. Со тоа, кримосиве си создаваат простор утре повторно да излеат омраза и напади токму против ЕУ и НАТО, поради „неисполнување“ и „неправичност“… И пак ќе бидат во вестите.
ДПМНЕ е партијата што повикуваше на долги ножеви, бараше гасни комори и сатари, изврши терористички напад врз Собранието и убиства во обид врз пратеници, извикуваше “Бејли, тргни ги рацете од Македонија!”, ја водеше скапата меѓународна кампања “Стоп операција Сорос”, платена со наши пари, ги злоупотреби институциите како УЈП, финансиската полиција и ДКСК да го нападне граѓанското општество… Тоа е проевропска и прозападна ориентација?
И ова некој ќе се обиде да го спинува, клеветејќи ме дека повикувам на контрола во информирањето, но овој рафал е насочен кон подмолната пропаганда, а не кон информирањето. Ако Груевски секој ден изјавува дека сака во ЕУ, не смее да изостане прашањето зошто ја оддалечуваше Македонија од ЕУ, од НАТО, од 21 век… И се разбира, кога мисли да почне да се појавува поредовно во СЈО!
објавено во Плусинфо и Слободен печат (14/6/2017)