Според информацијата на Општинската изборна комисија, до 10 часот, на 24 избирачки места излегле да гласаат 826 валандовчан(к)и, со што излезноста е 8, 14%. Набљудувачите на ЦИВИЛ – Центар за слобода и новинарите на ЦИВИЛ Медиа, се на лице место, меѓу валандовчан(к)и
На денешиот референдум жителите на Валандово се изјаснуваат дали се за или против продолжување со работа на рудникот „Казандол“ и дали се за или против отворање рудници за металични минерални суровини на територијата на општината.
Откако на 3 јули, на вонредна седница Советот на Општина Валандово едногласно донесе Одлука за распишување на референдум, конечно прифаќајќи го барањето награѓанската иницијатива „Спас за Валандово“, од буџетот на Општината беа обезбедени 1,2 милиони денари за одржување на референдумот..
Досега на референдумите против изградба на нови рудници во југозападна Македонија, кои како единствена невладина организација ги набљудуваше ЦИВИЛ – Центар за слобода, , се изјаснија жителите на Богданци, Дојран и на Гевгелија,
Екипите на ЦИВИЛ и денеска го набљудуваат спроведувањето на референдумот во Валандово, како што и во изминатиот период ја известуваше македонската јавност за (не)инфомирањето на јавноста и за опструкциите на граѓанската иницијатива, а во полза на изградбата на Казандол.
За време на подготвителниот период, граѓанската иницијатива „Спас за Валанодов“ одржа 13 средби и трибини со месното население во Валандово и околните населени места. Наспроти граѓанските активисти, локалната власт и градоначалникот на Валандово не ја исполнија својата обврска за адекватно информирање на граѓаните за претстојниот рефрендум.
До ЦИВИЛ, од теренот пристигнаа повеќе пријави за притисоци врз гласачкото тело за референдумот да не успее, а граѓанските активистки тврдат дека и структурите во Општината и партиските структури кои се на власт на локално ниво, вршеле притисоци во полза на рудникот. Еден граѓански активист испрати до ЦИВИЛ Медиа и видео запис за тоа како партиски активисти го кршат референдумскиот молк во периодoт кога според членот 12 став 2 од Законот за референдум, јавната пропаганда за референдумот мора да заврши, во последните 48 часа пред денот на гласањето.
ЦИВИЛ и денеска е отворен за пријавите од граѓанките и граѓаните, како и прилозите на граѓанските новинари за можните нерегуларности во спроведување на референдумот, на телефонскиот број: 071 608 523, или на веб-страницата Слободни избори, или преку порака на Фејсбук страницата Слободни избори.
ЦИВИЛ во текот на референдумот ќе ја информира јавноста преку соопштенија, прилози на веб-страницата ЦИВИЛ Медиа и информации на социјалните мрежи на ЦИВИЛ за резултати од набљудувањето на терен.
[divide]
ЦИВИЛ ќе ги објавува информациите од теренот на медиумската платформа на ЦИВИЛ Медиа, во рамките на проектот Слободни медиуми за слободно општество, финансиран од Федералното министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија.