Прашината околу формирањето на владата нема да слегне, а кампањата да се задржи власта во општините само ќе се засилува. Таа одамна започна и се води со сите највалкани средства кои може да се замислат. Иако изгледа шашаво и болно, „увидот“ во проектите наоѓа некаква публика и постигнува каков-таков ефект. Ги мобилизира партиските одреди и прави место за локалните крвопијци да продолжат со цицањето.
Мамутската машинерија можеби е на колена, но локално таа си функционира и веќе е спремна да ѝ пружи засолниште на партократијата во општинските лавиринти. Ако општините имале по стотина вработени пред мандат или два, сега таа бројка е најмалку два пати повисока. Тоа се многу клиенти во опустените општини. Локалните моќници изградија мали империи и станаа супер богати за кратко време, но ја полнат и централната партиска каса. Ако оваа земја сака да биде демократска, мора да ги врати демократијата и владеењето на правото и во општините. Ѕинголенд стана симбол, кој паланечките газди со сите сили се трудат да го надминат.
Иако изгледа тешко и недостижно, сепак, локалните империи може да бидат урнати. Никој не може да ја сопре ураганската сила на граѓанките и граѓаните зад параванот, но и пред и потоа, во секојдневниот живот. Секој, буквално секој човек е драгоцен бранител на слободата и демократијата. Едноставно е: мора да им се откаже послушноста! Не е грев да се прекрши дадениот збор за послушност и лојалност, бидејќи таквиот збор е изнуден со работно место или услуга. Тоа е нечесно и криминално. Откажете ги сите „дил-ориентед“ шеми. Пријавете! Граѓанките и граѓаните мораат да ја кренат главата и да им кажат на локалните крвопијци дека времето истече. Услугите, добрата, јавниот простор… сето тоа не е подарок, туку им припаѓа на граѓанките и граѓаните.
Запомнете! Нема ништо погрешно во барањето човекови права и слободи, нивното кршење е криминал. Граѓан(к)ите не должат никому ништо. Нема зошто ни фала да им кажеме. Време е да им кажеме чесно да си ги заработат платите. Тие треба нам да ни кажат фала за работата што ја имаат, бидејќи ја добиваат од нас и нам ни ја наплатуваат. Не обратно! И да си одат од работа ако ни се на товар. Ние сме работодавачите! Тие се тука да нè услужат нас, а не ние нив.