ВЕСТ НА ДЕНОТ
ЦИВИЛ денеска одржа панел дискусија за општествената одговорност на интелектуалците и уметниците во промовирањето на различностите и европските вредности. На панелот учествуваа Перо Арсовски, Дуња Иванова, Агим Пошка, Кристина Арнаудова и Џабир Дерала.
Панел дискусијата е дел од Иницијативата „Направи разлика: Почитувај ги различностите“ што се спроведува со поддршка од Министерството за надворешни и европски прашања на Големото војводство Луксембург.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Министерот за надворешни работи на Португалија Силва и еврокомесарот Вархеји денеска донесоа предлог решение чија цел е надминување на проблемот помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија. Јас, со тимот во Владата задолжен за овие преговори, пред сѐ со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и со министерот за надворешни работи Бујар Османи, сериозно и одговорно ќе ги разгледаме сите детали од предложеното решение. Важно е дека, во овој момент јасно и одговорно можеме да кажеме дека предлогот е добра основа за постигнување решение за проблемот, решение со кое ќе се отстранат сите пречки и ќе се отворат преговорите преку одржување на првата меѓувладина конференција за Северна Македонија. За нас, особено важно е што со ова предлог-решение никако не се допира и не се навлегува во нашите македонски идентитетски прашања, со што нашата круцијална позиција е задоволена, а силно сме убедени дека предлогот е добра основа и за круцијалните позиции на Бугарија“, изјави Заев по состанокот со Силва и Вархеји.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПОЛИТИКА Собрание за граѓаните со отворен одговор и отворено опоравување од ковид-пандемијата, подобрена ИКТ инфраструктура, како и учество на граѓаните како концепт за отворен Парламент, се трите заложби од новиот акциски план на Собранието за периодот 2021 -2023 година за чијашто подготовка денеска продолжија консултациите со граѓанските организации.
Нема промена во позицијата на Бугарија во однос на Република Северна Македонија, порача министерот за надворешни работи во техничката влада на Бугарија, Светлан Стоев, по средбата со министерот за надворешни работи на Португалија, Аугушто Сантош Силва, и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, утрово во Софија, јави бугарски БГНЕС. Тој додал дека Бугарија е отворена за одговорен, отворен и квалитетен дијалог со Република Северна Македонија.
ЕКОНОМИЈА Во моментов ги собираме сите информации за увозот и дистрибуцијата на сомнителниот мазут и кога ќе ги имаме сите податоци ќе ја информираме јавноста. Ако не се реализирани сите процедури согласно правилникот за квалитет на течни горива и процедурите за увоз на нафтени деривати документите ќе му ги предадеме на Јавното обвинителство, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
ТЕХНОЛОГИИ Анализите спроведени од страна на Стартап Македонија, под покровителство на Фонд за иновации и технолошки развој со која беа опфатени над 80 стартапи од Северна Македонија и повеќе од 29 организации за поддршка и инвеститори, денеска беа презентирани на онлајн платформата Зум на која како говорници присуствуваа директорот на ФИТР Коста Петров, Нина Николиќ од Стартап Македонија, претседателот на Асоцијацијата Стартап Македонија, Дејан Алексов и Игор Маџов, програмски директор на Стартап.
Според презентираните податоци, над 70 отсто од стартап компаниите во државата, во фазата на развој на бизнисот имаат потреба од дополнителни финансиски средства, што токму тогаш ја добиваат од Фондот. Речиси 62,7 проценти од домашните стартапи апилицирале на повиците за кофинансирање, а 60 отсто од нив добиле финансиска помош од Фондот за иновации и технолошки развој.
КОВИД-19 Продолжува трендот на се помалку заболени од Ковид-19, а се повеќе оздравени, но се зголемува и бројот на вакцинирани граѓани. Паралелно се намалува притисокот во болничките капацитети со пациенти од корона вирусот. За идната недела е најавено да стартува издавањето на македонскиот зелен пасош за патување во странство.
Заклучно со вчерашниот ден се вакцинирани нешто над 200.000 граѓани, од кои што 40.000 се ревакцинирани, што значи дека досега во нашата земја се дадени 240.000 дози на вакцини, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Во општеството во кое континуирано доминира политиката, владее правна несигурност и постојана нестабилност. На тлото на политиката не може да се постават цврсти темели врз кои понатаму ќе се гради. Можат да се постават само привремени објекти кои ќе бидат срушени од некоја идна политичка идеја“, вели Мирјана Најчевска во „Време е за право“
Б. Јордановска