Претставник на ДИК, ноќеска, 45 минути по полноќ, во СВР Битола пријавил дека главен и одговорен уредник на дневен весник го уценувал, затоа што пријавителот ја одбил понудата за печатење на кандидатските листи за пратеници за претстојните избори во неговиот весник.
Како што соопшти МВР во дневниот билтен, настанот се случил вчера „околу 16,30 минути“, додека претставникот на ДИК со уште две лица, патувал за Битола, за да изврши надзор врз печатењето на изборниот материјал. Уредникот на весникот, во телефонски разговор, му се заканил на претставникот на ДИК, дека доколку ги печати кандидатските листи во друг весник, ќе објави текстови со компромитирачка содржина за него, со лаги и невистини.
„Лицето му упатувало и разни погрдни и навредливи зборови и доколку не му биде вратена одредена сума пари (20.000 евра) ќе биде даден на суд“, се вели во дневниот билтен на МВР.
МВР работи на целосно документирање и расветлување на случајот.