Потпишувањето на Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Македонија е добар прв чекор кон подобрување на односите меѓу двете земји, изјави поранешниот претседател на Бугарија, Георги Прванов за Бугарската национална телевизија.
Прванов посочи дека проблемот меѓу двете земји нема да се реши само со еден договор, но и дека истот, може да создаде поволна атмосфера за почеток на соработката меѓу двете земји.
Тој истовремено упати повик за помош на Македонија за влез во Европската унија и во НАТО, што е предуслов за стабилност на земјата и регионот.
Како основен проблем за Бугарија, Прванов, ја потенцира заедничката историја. Тој го посочи датумот на потпишувањето на договорот 2 август, како пример, кога, како што вели, почнало Илинденско-Преображенското востание. Според него, името на востанието значи дека се изедначува востанието во Тракија и Македонија, поради што е неопходен внимателен пристап на темата.
„Критериумот е во тоа што сме имале една национална самосвест, единствени национални цели и задачи. Тоа го објаснува националната борба, Илинденското востание, многу настани во нашата заедничка историја. Тоа не знам дали ќе го прифатат во Скопје. Таму има друга тенденција“ изјави Прванов.
Георги Прванов беше претседател на Бугарија во периодот од 2002 до 2012 година.