„Меѓуетничката состојба во државата е добра и стабила. Во извештајот на Европската комисија иако се наведува дека меѓуетничката состојба е стабилна, сепак околу помалкубројните етнички заедници се наведува дека за да се зачува мултиетничкиот карактер во нашето општество мора да вложат напори сите политички фактори. Факт е дека доколку не се вложат напори за поголема вклученост и поголема политичка моќ на помалкубројните заедници, тогаш може да се случи од мултиетничко да преминеме пополека во биетничко и бинационално мнозинство“, вели пратеникот и член на собраниската Комисија за односи меѓу заедниците, Зеќир Рамчиловиќ, во интервју за ЦИВИЛ Медиа во рамки на проектот „Чекор напред кон мултикултурно општество“.
„Помалкубројните етнички заедници се тој кохезивен елемент и на некој начин ја чува стабилноста, го чува ова општество и оваа држава колку и да звучи грубо. Има многу примери во светот каде што беа бинационални држави и таму дојде до проблеми, раздвојување и слично. Нашето богатство се токму помалкубројните заедници.
Идеално е да има едно, еднакво општество за сите, но да се трудиме да го направиме поправедно и во тој концепт да се работи и да се гради и верувам дека сме на добар пат“, вели Рамчиловиќ.
Тој истака дека верува дека ќе станеме дел од европското семејство, меѓутоа ние и без тоа мора да ги негуваме европските вредности.
„Токму поради тоа сум направил чекор и сум имал последици и притисоци се со цел да продолжиме кон тој европски пат. Со унапредувањето на правата на помалкубројните етнички заедници не се загрозува граѓанското општество, напротив се унапредува“, вели тој.
Пратеникот Рамчиловиќ нагласи дека кај нас најмногу е изразена индиректната дискриминација, односно како возрасните влијаат во развојот на младиот човек.
„Децата немаат предрасуди и поделби, но ние возрасните, образовниот систем и одредени медиуми придонесуваат во креирање на предрасуди и поделби. Пример во училиштата, ромските деца седат на последна клупа, или се прават посебни паралелки само со ромски, бошњачки ученици… Или одличните (македонските деца) седат на прва, а послабите (ромските) ученици седат на последна и таквите поделби не треба да се случуваат. Голем проблем прават и содржините на одредени учебници кои треба да се сменат“, вели тој.
Рамчиловиќ вели дека при посета на едно основно училиште во Скопје за промовирање на мултикултурата и недискриминацијата, една ученичка истакна дека „мултикултурата е како убава чорба“.
„Се согласувам дека мултукултурата е како убава чорба и она што е убавината кај нас е таа кохезивност што нè држи заедно, и доколку имаме чорба само од вода и месо тогаш тие може многу лесно да се одвојат, но доколку во таа чорба има и други состојки тогаш таа чорба е измешана, не може да се раздели и е многу повкусна“, вели тој.
Пратеникот Рамчиловиќ вели дека „Стратегија за интеклултурализам и едно општество“ треба повеќе да се промовира на локално ниво.
Дехран Муратов
камера и монтажа: Ариан Мехмети
Оваа содржина е дел од иницијативите и проектите на ЦИВИЛ за промоција на мултикултурализмот и европските вредности, со поддршка од Министерството за надворешни работи и европски прашања на Големото Војводство Луксембург. Ставовите и мислењата изнесени во овие содржини се на самите Автор(к)и и не нужно ги отсликуваат официјалните ставови на донаторите.