Врховниот суд денеска ќе одржи расправа по барањето на Специјалното јавно обвинителство за „замрзнување“ на имотот на ВМРО-ДПМНЕ, откако минатата недела беше одложено „од технички причини”. СЈО сака да се преиспита одлуката на Кривичниот суд да не се замрзне имотот на ВМРО-ДПМНЕ.
СЈО барањето за заштита на законитоста го поднесе затоа што се сомневаат дека имотот на оваа партија е стекнат на незаконски начин. Според предистражната постапка на СЈО, од 2009 до 2015 година, осомничените прифатиле незаконски средства за финансирање на партијата, во вредност од 4,9 милиони евра.
Изминатите години ВМРО-ДПМНЕ се стекна со огромен имот и стана најбогата политичка партија во Европа!
За досега поднесените 17 обвиненија, СЈО од судот не добило ниту еден одговор дали се прифатени или не.
Инаку, во случајот „Талир“ за незаконски средства за финансирање на партијата, првоосомничен е Никола Груевски како лидер на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со Кирил Божиновски, Илија Димовски, Даниела Рангелова, Александар Бичиклиски, Емил Димитриев, Миле Јанакиески, Иво Котевски, Илија Ристовски, Билјана Бришкоска – Бошковски, Леко Ристовски и Елизабета Чингаровска.