Советот на Мрежата за борба со тежок криминал СЕЛЕК во Букурешт, Романија, во која членуваат 12 земји во регионот, денеска, со 11 гласа, едногласно го разрешил од функцијата генерален директор, Тони Јакимовски, второосомничен во случајот „Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство, за уништување на системите со кои нелегално се прислушуваа македонските граѓани.
Аргументите на претставниците на македонското МВР биле дека Јакимовски треба да биде разрешен од функцијата во СЕЛЕК, зашто и Врховниот суд на Македонија му ги одземал граѓанската и дипломатската патна исправа, со што тој не може да ја напушти Македонија и да присуствува на состаноците во Романија.
Јакимовски е ексшеф на кабинетот на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, за кого СЈО бараше и притвор, но Врховниот суд со алтернативна мерка, само му ги одзеде пасошите.
Соопштувајќи ѝ на јавноста дека МВР побарало разрешување на Јакимовски, ресорниот министер Оливер Спасовски, на прес-конференција, изјави: „Подобро е да немаме директор во СЕЛЕК, отколку да имаме со криминално досие и да ни се смее цела Европа“!