Албанскиот премиер Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ потпишаа заедничка колумна под наслов „Реалистичен пат кон ЕУ“, отпечатена во влијателниот Франкфуртер алгемајне цајтунг (Frankfurter Allgemeine Zeitung – FAZ) на 28 февруари. Што значи ова? Повеќе од извесно е дека не се работи за обичен дипломатски гест. Читањето на изјавите на балканските политичари открива многу повеќе отколку што тие сакаат да биде откриено.
Рама и Вучиќ испраќаат порака и до Брисел, и до регионот, и до сопствените граѓани. Пораката изгледа убедливо, барем на прв поглед – трпението на земјите во регионот е истрошено, а правилата на играта повеќе не се прифаќаат без преиспитување. Настапот на чудниот авторски тандем на прв поглед изгледа „реалистично“ како што сугерира и насловот на нивното писание. Па така, наместо чекање на „недостижниот момент за полноправно членство“, тие предлагаат постепена (фазна) интеграција, првенствено преку обезбедување пристап до Единствениот пазар и Шенген, без целосно учество во институциите и без право на вето. Со други зборови, економска интеграција сега, политичка рамноправност – можеби подоцна. Или никогаш.
Балкански генијалци
Колумната на шефовите од Тирана и Белград од 28 февруари звучи како петходница на изјавите на премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, дадени при посетата на Брисел, 18-19 март, и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, 23-24 март (Мисија Брисел: Како да немаш напредок, а да звучиш како да имаш). Разликата меѓу идејата на Рама и Вучиќ и официјално Скопје е во тоа што првите настапуваат со појасни предлози за компромис со Брисел, додека македонскиот дел од дипломатскиот пекол е поконфузен и бара заштита од идни „билатерални блокади“ од Софија.
Да се вратиме кај Рама и Вучиќ. Нивниот предлог го поедноставува процесот до степен што ја занемарува суштината и нуди „брзи и едноставни решенија“ за комплексни прашања на европската интеграција.
Европската Унија не е изградена како систем на делумна припадност. Таа почива на принципот на еднакви права и обврски, а секое отстапување од оваа логика не го менува само механизмот, туку и самата суштина на Унијата.
Во таа смисла, предлогот на Рама и Вучиќ не е ни оддалеку наивен и не е само некоја административна иновација на талентирани политичари. Во нивниот предлог се сугерира модел на Европска Унија во која се институционализира нееднаквоста, во која постои внатрешен круг на одлучување, и надворешен круг на придружени, но политички маргинализирани членки.
Навистина, не може да се игнорира фактот дека нивната иницијатива произлегува од реален проблем. Процесот на проширување веќе со години е заглавен во ноторните противречности на политичкиот и бирократскиот апаратус на ЕУ. Брисел поставува стандарди, но не секогаш покажува дека има и политичка волја. Во тој вакуум, се создава простор за „алтернативни“ патишта на земјите на Западен Балкан.
Впрочем, антидемократските и антизападните структури во овој регион се моќни и имаат силна поддршка од оската чиј почеток е во Москва. Со своето недоследно однесување низ годините, ЕУ им помогна на тие сили да ја исполнат својата мисија, па така Србија останува цврсто на својата децениска позиција на регионален прокси играч на Русија, а Северна Македонија, од таргет на руските хибридни операции, во последните две години се трансформира во прокси држава во истата оска.
Што се однесува до потегот на Рама-Вучиќ, се појавува уште една, подлабока димензија. Ако за миг претпоставиме дека моделот што го презентираат во ФАЦ е можен, тоа за српското политичко водство ќе обезбеди прилично комфорна позиција – економска корист од дебелата каса на ЕУ, без обврска за усогласување со нејзината надворешна и безбедносна политика, односно да продолжи со исполнување на кремљовската агенда, само поблиску до Брисел, како што тоа го прават Будимпешта и Братислава.
Во овој контекст, имајќи предвид дека Албанија е во напредната фаза на евроинтеграцискиот процес, учеството на Рама во оваа „колумнистичка“ иницијатива е невообичаен потег и изгледа како пукање во сопственото колено, односно како враќање назад во процесот.
Балканизирана верзија на идејата на Макрон – пристап до пари без одговорност
Притоа, изјавите на скопските политичари Мицкоски и Муцунски во Брисел и колумната на Рама и Вучиќ во ФАЦ не се ништо ново. Тие се „балканизирана“ верзија на идејата на францускиот претседател Емануел Макрон за Европска политичка заедница од мај 2022. Патем, неговата идеја не е целосно „мртва“, но во споредба со помпата со која беше најавена, оваа иницијатива сега е сведена на дебатен клуб, далеку од намерите да биде влијателен политички форум.
Да се потсетиме, токму политичарите од западнобалканските државички се побунија први против идејата на Макрон, нарекувајќи ја Европската политичка заедница „чекална“ или „утешна награда“ која нуди само состаноци и фотографирање, но не и реални економски придобивки, како што се пристапот до фондови или влез во Единствениот пазар. Сега изгледа како да го бараат токму тоа, само во „балканизирана“ форма – пристап до пари без одговорност. И тогаш грешеа и сега грешат. ЕПЗ, со сите слабости, беше замислена како солидна платформа за политичка соработка меѓу државите од цела Европа. Балканските политичари повторно го бараат истото како и во 2022 година, а притоа се согласуваат да бидат „земји од втор ред“ без право на глас. Ако само помислиме какви „горди“ суверенисти се Вучиќ и Мицкоски, оваа ситуација станува уште поинтересна за разгледување. И повторно ќе кажам – чудно е учеството на Рама во оваа приказна.
Да резимираме. „Славната“ колумна на двајцава од Тирана и Белград и ставовите на дипломатските генијалци Мицкоски и Муцунски, всушност, претставуваат своевидна „еволуција“ на „Европа со повеќе брзини“ на Макрон, само соголена од политичката суштина, а со „додадена вредност“ – наместо дијалог и процес, бараат пристап до пазарот (читај: парите). Ако Макрон своевремено ја понуди „дијагнозата“ дека ЕУ мора да се менува, балканските лидери сега нудат „лек“ – модел кој е економски привлечен за регионот, но истовремено е и одлична стратешка придобивка за Москва.
Меѓуфаза или трајна состојба
Сево ова е институционално неприфатливо за Брисел. Не станува збор само за правни пречки, кои секако се повеќе од реални. Се работи за тоа дали ЕУ треба и дали е подготвена да прифати модел што ја редефинира нејзината внатрешна рамнотежа. На пример, Единствениот пазар не е само економски простор, туку подразбира високо ниво на регулаторна и правна усогласеност. Ако некоја држава ги исполнува тие услови, тогаш логично е да се постави прашањето: зошто да не биде полноправна членка? Дали балканските политичари намерно го занемаруваат ова прашање или се само брзоплети и неуки, не е сосема јасно.
Со вака „балканизираната“ идеја на Макрон, земјите од регионот се соочуваат со поголем ризик отколку ЕУ. Зошто? Затоа што, тоа што се претставува како „меѓуфаза“ може лесно да се претвори во трајна состојба. Историјата на европското проширување покажува дека привремените решенија често стануваат долгорочни реалности. А тоа значи дека Западен Балкан може да остане во сивата зона засекогаш. Со други зборови, земјите од регионот би биле доволно близу до ЕУ за да ги користат економските бенефиции, а со тоа и да бидат и трајно зависни од неа, но никогаш да не биде вклучени на нивото што ќе обезбеди рамноправност.
Да ги видиме реакциите на Брисел и на Балканот. Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, покажа – благо речено – скептичен и претпазлив став кон предлозите на балканските лидери за „фазна интеграција“ и членство „без право на вето“. Нејзината реакција се однесува на клучните институционални и правни препреки. Таа ја отфрли идејата за членство од „втора класа“ поаѓајќи од суштинскиот став дека ЕУ е заедница на еднакви – основните документи на ЕУ, едноставно, не предвидуваат таква правна рамка. Таквата промена би барала длабока ревизија, што е озлогласено тежок и долготраен процес во кој мора да учествуваат сите сегашни земји-членки – со еднакво право на глас.
Кос јасно се спротивстави на сугестијата дека приклучувањето кон Единствениот пазар е „полесна“ или поедноставна алтернатива на полноправното членство. Таа им објасни на ентузијастиве дека пристапот до Единствениот пазар вклучува строго почитување на владеењето на правото, стандарди за конкуренција и еколошки регулативи, кои се исто толку „макотрпни“ и напорни како и условите за полноправно членство. Според нејзиното мислење, ако една земја е подготвена за Единствениот пазар, таа во суштина е подготвена и за полноправно членство.
Кос покажува разбирање и за фрустрацијата на Балканците, но нагласи дека фокусот треба да остане на внатрешните реформи, наместо да се бараат алтернативни институционални структури кои во моментов немаат никаква основа во правната архитектура на ЕУ.
Од реакциите во регионот, се издвојува критичкиот став на министерката за надворешни работи на Косово, Доника Гервала, која рече дека Рама му помага на Вучиќ да го ублажи европскиот притисок врз неговиот режим. Шефот на албанската опозиција, Сали Бериша, ја означи иницијативата како продолжение на проектот „Отворен Балкан“ и го обвини Рама дека премногу се усогласува со српските интереси.
Живот во сивата зона
Останува прашањето зошто се случува ова и зошто сега? Особено учеството на Рама останува докрај нејасно. За Вучиќ и Мицкоски, соочени со можноста за изборен пораз на нивниот идеолошки, бизнис и политички сојузник од Будимпешта, Виктор Орбан, ова е момент кога во Брисел треба да покажат некаква активност од последните клупи во класот.
Балканциве се жалат дека сегашниот процес е „контрапродуктивен, па дури и опасен“. Дома се трудат да покажат дека испорачуваат економски придобивки, а во Брисел дека остануваат посветени на евроинтеграциите. Ова двојно позиционирање е длабоко проблематично. Дел од вината лежи во недоследноста на ЕУ, но исто толку и во неуспехот на регионалните елити да ги исполнат условите за членство. Ваквиот пристап не е решение, туку политичко позиционирање што само го продлабочува евроскептицизмот и ја храни логиката на популизмот.
Ова е длабоко проблематично. Бескрајното чекање пред портите на ЕУ секако се должи на недоследноста на Брисел во процесот, но и на неуспехот на балканските политички и општествени елити да ги исполнат условите за прием во Унијата. Откако добија шут-карта од Брисел, сега ќе се вратат со подвиткани опашки дома и повторно ќе цимолат дека, ете, тие понудија решение, но ЕУ – лошата ЕУ – не покажува разбирање. И така ќе придонесат кон јакнење на евроскептицизмот во своите земји, јавајќи на високите коњи на популизмот и суверенизмот. И така до недоглед.
Останува заклучокот дека ЕУ мора да го врати својот кредибилитет преку јасен процес заснован на заслуги, без импровизации. Земјите од регионот, пак, мора конечно да изберат – или вистински реформи или трајно останување во сивата зона. Сè друго е само бескрајна агонија и живот во зона каде што доминираат Москва и нејзините сојузници.
Текстот го изразува личниот став на авторот.
Илустрација: Сатирична визуелизација генерирана со AI, врз основа на уреднички концепт.
Сите права се задржани.














































