УТРИНСКИ КОЛУМНИ
Пуштањето од притвор на Сашо Мијалков делува логично: човекот има две височки неправосилни затворски пресуди, обвинет е уште во два „потешки“ предмети, а осомничен е уште во неколку други случаи, па треба да му се овозможи да излезе од Шутка за да види и на мир да размисли, без притворски психолошки притисок и правна принуда, што ќе прави со себе понатаму. Дал имотни гаранции од 11 милиони евра од кои е прашање што и дали би можело нешто да се наплати во случај на бегство, а бидејќи тој имот – дури и ако може да се наплати во некоја фантастична конфискациска постапка – и така е со веројатноста на здравиот разум стекнат како след на компликувани кривично-правно-финансиски околности во половина дузина предмети за кои го судат, па речиси сигурно може да се тврди дека е сентиментално силно врзан кон него. Многу би пател ако го загуби. 11 милиони! Не се тоа „11 крушки“, што би рекол градоначалникот на Карпош, уште еден локален експерт за милиони, читајте во новата колумна „Навистина, зошто би имало потреба Мијалков да бега?!“ на Сашо Орданоски.
Истече и оваа година, а се мачам да ја крстам некако, пред да се збогуваме со неа. Конкуренцијата во негативни предзнаци навистина е голема и тешко е да се избере. На крајот од годината, како да исплива и потврдата дека Македонија е библиска земја. Во библијата има една приказна за таткото кој го дочекал својот син кој одамна се изгубил. Приредил богата вечера а на прашањето на помалиот син, кој цело време бил до него, зошто за него никогаш не приготвил таков оброк, му одговорил: „Тој беше изгубен досега и сега се враќа во мојот живот и затоа треба да се одбележи богато неговото враќање, а ти си овде и со тебе секој ден ја делам љубовта, додека тој беше далеку за неа да ја добива“, пишува Војо Маневски во „Збогум годино за заборав“
Веројатно во некое понормално општество воопшто немаше да биде дискутабилно дали една операција кава што е пописот на населението е успешно спроведена. За жал, кај нас, една таква операција е оптоварена од политиканство, национализам, партиско препукување и позиционирање, разни сомнежи и недоверба во институциите, предрасуди, па сѐ до дезинформации и говор на омраза.
Поради ваквиот контекст, позитивна вест е дека во Република Северна Македонија, во 2021 година се одржа успешен попис на населението. Успешен попис на население после повеќе од 19 години и еден неуспешен обид некаде во 2011-та година, пишува Џелал Хоџиќ во колумната „Зошто е важен пописот за помалкубројните заедници?“
Нова рубрика „Брза пошта“ – Вашите мисли и опсервации, жолти и црвени картони, кратки белешки и пораки, отсега во брза пошта. Останете гласни!
Цивилмедиа.мк воведува нова рубрика – „Брза пошта“, каде што авторките и авторите можат да ги овековечат своите мисли, белешки и пораки. Во трката со времето, често се нема време за пишување долги и елаборирани коментари и анализи, а потребна е брза реакција. Затоа, Редакцијата одлучи да отвори таков простор кој може да послужи и како своевидна комуникациска алатка, размена на мисли и пораки, но и вовед во пошироки анализи и мислења.
НАСТАНИ
ЕНРГЕТИКА: Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) денеска на главна седница треба да донесе конечна одлука за цената на електрична енергија, што ќе биде во важност од 1 јануари следната година.
На вчерашната подготвителна седница се претставени вонредните механизми што РКЕ првпат ќе ги активира во кризна состојба. Се чекаа и забелешките во писмена форма од енергетските компаниии, кои ќе бидат разгледани на главната седница и ќе биде донесена конечната одлука.
Новата цена на струјата за корисниците на регуларниот пазар ќе важи во првите шест месеци од наредната година. Сите енергетски компании веќе побараа зголемување на цената на електричната енергија
КОМИСИЈА: Во Собранието на Република Северна Македонија денеска седница ќе одржи Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите.
Единствена точка на дневниот ред на седницата е годишниот финансиски план за 2022 година на Оперативно-техничката агенција за средствата од надоместоците од Агенцијата за електронските комуникации.
ОБРАЗОВАНИЕ: Учениците во основните и средните училишта денеска го завршуваат првото полугодие од учебната 2021/2022 година и од утре, 31 декември, се на тринеделен зимски распуст. Според календарот на МОН за организација на наставата, во училишните клупи ќе се вратат на 20 јануари 2022.
Поместување на зимскиот распуст односно одложување на почетокот на второто полугодие засега не се планира зашто, според надлежните, состојбата со КОВИД-19 и натаму е стабилна иако сојот омикрон е потврден и во земјава, а според експертите тој побргу се шири.
ХУМАНИТАРНА АКЦИЈА: Во пресрет на празниците, во Пунктот за бездомници на Црвен крст на Град Скопје во Момин Поток денеска ќе биде организиран традиционалниот предновогодишен ручек. На 150 бездомни лица кои редовно го посетуваат Пунктот ќе им бидат поделени хуманитарни пакети со топла облека и храна.
Пунктот за бездомници функционира 13 години и нуди повеќе услуги за лицата кои немаат свој дом. Целта е да овозможи тие да ги остварат основните човекови права и да се реинтегрираат во општеството. Финансиски е поддржан од Градот Скопје и од повеќе компании и граѓани.
Во базата на Црвениот крст на Град Скопје се регистрирани околу 250 бездомни лица, а 150 од нив неделно ги користат услугите на Пунктот.
БЕСПЛАТЕН ПРЕВОЗ: Мерката за бесплатен автобуски превоз, која беше прогласена во понеделникот, од денеска се укинува и престанува да важи, соопшти Град Скопје.
Одлуката вчера беше донесенa поради подобрување на состојбата со загаденоста на воздухот и по добиено известување од Министерството за животна средина и просторно планирање, а врз основа на податоци од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на воздух.
Мерката за бесплатен јавен превоз во главниот град беше активирана на 27 декември откако два дена последователно беше надминат прагот на алармирање за ПМ10 честички во воздухот.
КУЛТУРА: Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ и Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ потпишаа Меморандум за соработка кој предвидува ативности за заштита и промоција на македонското музичко творештво оставено како наследство од генерации композитори и творци.
Дел од најавите во овој текст се од сервисот на МИА.
Д. Мишев