Предлогот „Република Илинденска Македонија“ за кој премиерот Зоран Заев е длабоко убеден дека ќе помине и дека е прифатлив за двата табора на македонската страна, но и дека ќе има позитивен одѕив на грчка страна, според спротивставените страни, предвидува севкупна употреба и промена на Уставот.
Освен ВМРО-ДПМНЕ и изјавата на Христијан Мицкоски дека допрва партијата ќе одлучува за предлогот и дека останува на ставот дека нема да дозволи промена на Уставот, се јави и Единствена Македонија, Левица и Беса секој од свој агол, но истиот став, дека предлогот е крајно проблематично.
Да не остане заборавена, со реакција се јави и Обединета македонска дијаспора која го отфрла предлогот на Заев со образложение дека „Четвртиот Илинден ќе се случи кога вистински државник ќе се роди во Македонија и ќе ја повлече земјата од смешните „преговори“ за македонското име и идентитет под покровителство на Обединетите нации“.
Од ОМД потсетуваат на известувањата на медиумите дека грчката влада и опозициските партии го отфрлија предлогот на Заев како неприфатлив, што, според нив, се поставува прашањето дали Грција навистина сака да го реши овој проблем и дали сака нејзиниот северен сосед како рамноправен член на евро-атлантските институции.
„Македонија треба веднаш да се повлече од Привремената Спогодба на ОН, која Грција ја прекрши во 2008 година за време на НАТО самитот во Букурешт, делувајќи несоседски, и време е да се стават во мирување аспирациите кон ЕУ и НАТО додека овие организации повторно не си ги применат своите вредности и да не признаат нас како Македонци без придавки, или ѕвездички“, стои во нивното соопштение.
Денеска Левица поднесе кривична пријава против Зоран Заев за сторено дело од кривичниот законик кој се однесува на загрозување на независноста. Иста таква пријава, според зборовите на Димитар Апасиев од Левица, ќе добие и Никола Димитров, министерот за надворешни работи, за здружување и организирање и неговото залагање за решение за името.
Владата останува цврсто на ставот дека предлогот ќе биде разбран и ќе најде широка поддршка во Атина. Владата, исто така, објаснува дека со ова име се прави целосно разграничување со регионот Македонија во Грција и се покажува дека Македонија нема никакви територијални аспирации кон ниту една соседна земја, вклучително и Грција.
Уште една актуелна тема е како ќе се преведе на албански јазик. Според албанските лингвисти “Република Илиндитасе е Маќедонисе” (Republika Ilinditase e Maqedonisë) има две недоследности.
Зборот “илиндитас” не постои во албанскиот јазик, а членувањето може да биде единствено “илинденас” бидејќи основата е зборот “илинден”.
Артан Груби, пратеникот на ДУИ објасни дека зборот “илиндитас” во албанскиот речник допрва треба да биде вметнат и дека за тоа решение биле консултирани лингвисти. Она што не се знае е кои експерти, јазичари биле консултирани.
Б.Ј.