Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Имаше еден Славе, беше облечен во кожувче и чоени панталони, со кожени опинци и качкет, со овчарски стап, со ѕвона какви што носат кравите, седеше понекогаш на плоштадот Славејков во Софија и се бореше за македонската кауза. Пред 30 години кога работев и живеев карши хотелот „Плиска“, од другата страна на Цариградско шосе. Славе доаѓаше кај мене по некој лев помош, демек да му помогнам оти во Бугарија немал од што да живее.Славе, му реков, кога те видов на Славејков пропаднав во земја, човеку, ако тоа што ти го претставуваш и правиш е македонска каузата, јас ќе се пишам Бугарин или Навахо Индијанец, ти ја компромитираш македонската национална идеја, јасно ли ти е, не би сакал да те видам уште еднаш таму, а не би сакал да те видам и тука кај мене. Не знам дали беше ангажиран од бугарските служби во таква компромитирачка мисија, имаше такви сомневања за некои луѓе од македонското малцинство, или толку му сечеше на човекот.
Истата работа за бугарската кауза, само малку подотеран, во Скопје ја прави џамбасот од Софија. Не знам дали има некој мојот совет да му го даде на типот, но сеедно, и да нема, треба да се остави, да му се стави некој шешир пред трибината и да му се фрли некој денар, да му се најдат за пијачка, тоа е, другари, само усрани луѓе, со оштетена самосвест која може да им функционира само во затворено трло, можат да бараат човекот да се уапси или да се истепа, тие реакции го доближуваат типот до неговата цел…
Не реагиравте кога Љупчо ви кажа дека пола влада му биле бугарофили. Не реагиравте кога ја формираше вмро-дпмне како најнова афилијација на познатата бугарска организација, не реагиравте кога неговиот наследник го направи музејот и сите скопски палати на познатите бугарски дејци за ослободување на Македонија, бугарска инсталација го блокира влезот на Бугарите во Уставот, за да можете како Македонци да се удавите во воневропското мочуриште, на секои избори им давате по пола пратеници и гласови, ама Џамбаски ќе го тепате. Не, прво ќе си го расчистите дворот па после ќе дојдете да ви кажам што ќе правите со човекот од Софија.