Либералната партија на досегашниот премиер Марк Руте, победи на парламентарните избори кои вчера се одржаа во Холандија. „Ова е ноќ кога Холандија, по Брегзитот, по американските избори, му рече – стоп на погрешниот вид на популизам!“, изјави Руте, синоќа по објавувањето на резултатите.
Првичните резултати покажаа дека либералната партија освои 31 пратенички места, наспроти 19 што ги доби партијата на екстремниот десничар Герт Вилдерс. Од голем број медиуми, резултатите беа оценети како победа над популизмот.
По Брегзит и по претседателските избори во САД, резултатите од овие парламентарни избори европските лидери ги очекуваа со нетрпение, како индикатор за силата на крајната десница пред изборите кои годинава треба да се одржат во Франција и во Германија.
Оттука, не изненадува што првите честитки за демократските избори во Холандија пристигнаа од претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер кој го поздрави „гласот против екстремистите“, и од шефот на кабинетот на германската канцеларка Ангела Меркел, Петер Алтмајер кој ѝ честиташе на Холандија за „сјајниот избор“.
Изборните резултати му овозможуваат на Руте да го добие третиот мандат за влада од 2010-та година.
Крајно десничарската Слободарска партија на Герт Вилдерс не успеа да го направи предвидениот голем успех и доби, според проекциите, 19 пратенички места, само 5 повеќе од претходниот состав.
Вилдерс, сепак, оцени дека неговата партија во секој случај има големо влијание во холандската политика.
„Ние сме еден од победниците на изборите, но јас би сакал да бевме најголемата партија на овие избори. Штета што не успеавме во тоа“, изјавил Вилдерс.