УТРИНСКИ КОЛУМНИ
Знаејќи ја уште од времето кога беше советник во Советот на Град Скопје (пред сè, како чесен човек) во далечната 1996-2000 година, ќе се обидам во кратки црти да ѝ препорачам како и да ѝ посочам неколку мои размисли на ова поле, сè со цел, ефектот од нејзиното министерување да биде поголем и барем малку да се поместиме од дното на кое се наоѓаме.
Значи, наместо вицепремиерката да се пушти во борба за сузбивање на последиците од дебело вгнездената корупција, потребно е ургентно и приоритетно да се впушти во беспоштедна борба во спречување на причините за досегашната и идна корупција. Мора итно да се секнат сите можни извори на корупција, а со последиците од досегашната корупција да се справуваме тековно и брзо. А тие се, како на највисоко, така и на најдолно административно ниво. Значи, за ефикасна борба против корупцијата, потребно е, пред сè, да се идентификуваат нејзините причинители, односно областите кои претставуваат корупциски ризици и да се управува со нив во смисла на стеснување на просторот за спречување на старите, но и појава на нови форми на коруптивни дејствија, пишува Јове Кекеновски во колумната „Порака до идната вицепремиерка за борба против корупцијата“
Да, говорот на омраза е голем проблем помеѓу Бугарија и Македонија – доста е пишувано на таа тема последниве децении. Говорот на омраза стана уште поголем проблем откако политичките елити во Бугарија се обидоа партиски да ја злоупотребат историјата и да го искористат македонското прашање во политичките кампањи на последните неколку избори во Бугарија.
Добар дел од бугарските политичари и медиуми беа генератор на негативни стереотипи кон Македонија, ширеа дискриминаторски говор кон Македонија, Македонците, македонскиот јазик, македонската историја и култура, а неретко поттикнуваа и омраза кон Македонците, Македонија и се што е македонско. Исто така, добар дел од политичарите и медиумите во Македонија генерираа негативни стереотипи кон Бугарија и Бугарите или реагираа на говорот на омраза со говор на омраза, особено по бугарското вето кое го перципираа како непријателски чин, а не како израз на добрососедство, анализа на Жарко Трајаноски во колумната „Ако се сака, има решенија и за говорот на омраза и непочитувањето на човековите права во Бугарија и Македонија. Ама, дали се сака?“
„Човештвото сега ги мрази умните, промислените, рационалните, и се оддава на водството и примерот што го даваат лудаците и површните во секоја област, закачени на најтемните пориви на човековата психа. Ако е за некаква утеха, сепак има тука и некаква „космичка правда“ – токму најревносните следбеници на тоа лудило, ќе бидат и неговите први и најголеми жртви, колумна на Александар Николиќ Писарев „Тензични разговори во Женева, САД и Русија во најзатегнати односи од крајот на Студената војна наваму“
За успешен и разбирлив почеток на денот: Сашо Орданоски и екипата во „Утрински брифинг“ со ексклузивни информации и интервјуа
„Утрински брифинг“ чиј креатор е колумнистот на ЦИВИЛ МЕДИА, познатиот Сашо Орданоски, се емитува во живо на Јутуб каналот на Слободна ТВ и Фејсбук страницата на „Слободен печат“. Редовната програма трае од 7.30 до 11 часот, секој работен ден.
Нова рубрика „Брза пошта“ – Вашите мисли и опсервации, жолти и црвени картони, кратки белешки и пораки, отсега во брза пошта. Останете гласни!
Цивилмедиа.мк воведува нова рубрика – „Брза пошта“, каде што авторките и авторите можат да ги овековечат своите мисли, белешки и пораки. Во трката со времето, често се нема време за пишување долги и елаборирани коментари и анализи, а потребна е брза реакција. Затоа, Редакцијата одлучи да отвори таков простор кој може да послужи и како своевидна комуникациска алатка, размена на мисли и пораки, но и вовед во пошироки анализи и мислења.
НАСТАНИ
СРЕДБА: Лидерот на СДСМ и мандатар за состав на новата влада, Димитар Ковачевски денеска во седиштето на партијата ќе оствари средба со албанскиот претседател Илир Мета. Мета од 10 јануари престојува во тридневна официјална посета на земјава. Тој при посетата оствари повеќе средби, меѓу кои и со шефот на државата Стево Пендаровски и со претседателот на Собранието Талат Џафери.
ЗАСЛУГИ: Амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз денеска на министерката за одбрана Радмила Шекеринска ќе и го предаде американското знаме како знак на заслуги за одбранбената соработка меѓу Северна Македонија и Соединетите Американски Држави.
Доделувањето на американското знаме кое се вееше на зградата на амбасадата на САД во Скопје претставува симбол на исклучителните достигнувања во одбранбената соработка и односите меѓу двете земји во изминатите четири и пол години, велат од Министерството за одбрана.
Најавени се обраќања на министерката Шекеринска и амбасадорката Брнз, а настанот ќе се одржи согласно протоколите од Ковид-19.
ДЕБАТА: Граѓанскиот инспекциски совет (ГИС), преку платформата Зум, денеска ќе одржи јавна дебата на тема „Како да се намали загадувањето на воздухот?“. Целта на дебатата е граѓански активисти и претставници на институциите и инспекциските служби заеднички и транспарентно да ги разгледаат мерките за намалување на загадувањето и проблемите кои ја попречуваат нивната примена. Предвидено е да стане збор и за подготвеноста на инспекциите за животна средина за вршење надзор на државно и локално ниво и за законите и подзаконските акти кои (не) се донесени, а се неопходни за поефикасно справување со загадувањето на воздухот, велат од Институтот за комуникациски студии.
УВИД: Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи помеѓу заедниците Артан Груби и министерката за образование и наука Мила Царовска денеска ќе извршат увид во изградбата на новото основно училиште во Визбегово во општина Бутел. Изградбата на новото основно училиште во населбата Визбегово почна со средства на МОН. Како што е најавено, по посетата предвидени се изјави за медиумите на вицепремиерот Груби и министерката Царовска.
ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ: Со положување цвеќе на спомен-обележјето во катлановско Блаце, денеска ќе бидат одбележани 14 години од хеликоптерската несреќа во која трагично загинаа 11 припадници од составот на воздухопловниот Винг на Армијата. Цвеќе ќе положи делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата составена од министерката за одбрана Радмила Шеќеринска и заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин. Цвеќе ќе положат и делегации од Кабинетот на претседателот на државата и врховен командант на Армијата, од Општина Петровец, Командата за операции, воздухопловниот ВИНГ, Првата пешадиска бригада и членовите на семејствата на загинатите војници.
Претходно, припадниците на воздухопловниот ВИНГ ќе ја одбележат годишнината од хеликоптерската несреќа со полагање цвеќе на спомен-обележјето пред командата во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец.
КУЛТУРА: „VIVA L’OPERA!“ е насловот на традиционалниот гала оперски концерт што вечерва и утре вечер ќе се одржи во просториите на Националната опера и балет (НОБ), по повод празникот „Василица“.
Традицијата е востановена пред повеќе од 25 години, а како што информираат од НОБ, оваа година публиката ќе има можност да ужива во изведбите на едни од највпечатливите арии, дуети и хорски делници од светски познатите оперски дела од композиторите Моцарт, Белини, Делиб, Пучини, Верди, Џордано, Леонкавало, Калман, Лехар. Диригенти на концертот ќе бидат Бисера Чадловска и Иван Еминоџвиќ, режисер Дејан Прошев, ќе настапат оперските уметници Весна Ѓиновска – Илкова – сопран, Сандра Митровска – сопран, Наде Талевска – сопран, Ѓорѓи Цуцковски – тенор, Марјан Јованоски – баритон и Александар Стефаноски – бас, како и хорот и оркестарот на Национална опера и балет.
Дел од најавите во овој текст се од сервисот на МИА.
Д. Мишев