До адресата на ЦИВИЛ – Центар за слобода, деновиве, додека трае увидот во Избирачкиот список стигнуваат многубројни поплаки од граѓанки и граѓани кои сè уште имаат проблеми.
„Триесет години живеам на истата адреса, овој пат на електронскиот список, мојата адреса воопшто не постои и не можам да видам дали ме има на списокот по адреса. Доколку го проверувам списокот по единствен матичен број излегува дека живеам во станот на соседите“, вели еден граѓанин од Скопје.
На Избирачкиот список сè уште има проблеми и со фантомски гласачи. Во една од пријавите која стигна до ЦИВИЛ, граѓанка од Скопје вели дека на увидот којшто го направила вчера, сè уште стои гласач кој не живее на нејзината адреса, иако неколку пати до сега има испратено преставка до Општинската изборна комисија. „Не само што не е избришан човекот кој не живее и никогаш не живеел на оваа адреса, сега имам уште еден и тоа со истото презиме“, стои во пријавата испратена до ЦИВИЛ.
ЦИВИЛ – Центар за слобода ги повикува граѓанките и граѓаните да помогнат во ревизијата на Избирачкиот список и да пријавуваат нерегуларности. Тие можат да извршат јавен увид во Избирачкиот список до 9 септември на полноќ.
И покрај оценката на ДИК дека увидот во Избирачкиот список на граѓанките и граѓаните е задоволителен, ЦИВИЛ апелира до сите граѓанки и граѓани со право на глас, час поскоро да се проверат и да пријават нерегуларности, односно доколку има потреба да се изврши дополнување, бришење или запишување во Избирачкиот список.
Маја Ивановска