Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека лидерите на Алијансата разговараат како да се осигураат дека Украина нема повторно да биде нападната од Русија по завршувањето на војната, но дека се внимателни да не направат чекор што може да го вовлече сојузот во поширок конфликт.
Пред самитот на лидерите на НАТО во Литванија на 11 и 12 јули, Столтенберг изјави во Копенхаген дека се во тек консултации, но одби да даде детали за тие разговори, објавија западните медиуми.
Не знаеме како ќе заврши оваа војна, но она што го знаеме е дека е исклучително важно да можеме да спречиме историјата да се повтори кога ќе заврши, истакна Столтенберг.
Тој укажа на руската анексија на украинскиот полуостров Крим во 2014 година и на рускиот конфликт со Грузија во 2008 година, велејќи дека тоа „мора да престане“.
Единствениот начин да се гарантира дека ова ќе престане е да се осигура дека Украина има доволно воена сила да ја одврати и одбрани од понатамошна руска агресија, но и да најде некаква рамка што ќе го спречи рускиот претседател Владимир Путин да продолжи да ја нарушува европската безбедност, нагласи Столтенберг.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски бара „безбедносни гаранции“ од НАТО за да одбие секој иден напад од Русија.
Членките на НАТО имаат корист од гаранцијата за колективна безбедност, бидејќи членот 5 од основачкиот Вашингтонски договор предвидува дека нападот врз која било од нив се смета за напад врз сите.
САД, Велика Британија, Франција и Германија минатата година ветија дека ќе обезбедат безбедносни гаранции за Финска и Шведска, кога аплицираа за членство во НАТО, доколку е потребно, за да го одвратат рускиот претседател Владимир Путин од обидот да ги дестабилизира двата соседа.
Столтенберг денеска изјави и дека евентуалното билатерално издавање безбедносни гаранции за Украина од страна на членките на НАТО, особено големите, ќе биде „многу блиску до членот 5“ и додаде дека „нема начин да се најде лесно решение за тие прашања“.
Г. Т.