Кривичниот суд одби да му го врати пасошот на поранешниот директор на тајната полиција, Сашо Мијалков. Неговото барање судот го оцени како неосновано.
„Кривичниот совет на Oдделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по предлог на обвинетиот С.М., поднесено преку неговите бранители, за укинување на мерките за претпазливост, на нејавна седница, донесе решение со кое барањето се одбива како неосновано“, соопштуваат од Судот.
Со оваа одлука на Судот, остануваат во сила мерките на претпазливост – Мијалков да се пријавува еднаш неделно во судот, како и привременото одземање на патната исправа за преминување на државната граница и забрана за издавање на нова патна или друга исправа.
На Мијалков му беше одземен пасошот на 2 јули, на барање на Специјалното јавно обвинителство, како еден од обвинетите во случаите „Таргет“ и „Тврдина“.
Вчера, Судот го одби и барањето на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски за враќање на пасошот. Груевски и Мијалков во барањата навеле дека пасошите ги бараат оти им требале за службени патувања, надвор од земјата.