ВЕСТ НА ДЕНОТ
Најмалку 46 загинати и шест повредени во несреќата на македонски автобус во Бугарија
Најмалку 46 лица загинаа во тешка сообраќајна несреќа во која се запали македонски автобус на автопатот „Струма“, јави БГНЕС. Во автобусот патувале 52 лица. Меѓу загинатите има 12 малолетници, меѓу кои и двајца близнаци. Во несреќата загинал и возачот. Преживеале шест лица кои биле сместени во болницата „Пирогов“ во Софија.
– Во „Пирогов“ се сместени шест лица, сите со изгореници на лицето и горните дишни патишта. Двајца се со изгореници на дланките, другите имаат рани. Луѓето се во тешка траума, изгубија роднини, деца. Тие скокнале од прозорците на автобусот, па оттука и повредите, изјави проф. Маја Аргирова, раководител на клиниката за изгореници во „Пирогов“.
Автобусот синоќа нешто по 21 часот влегол преку граничниот премин Капитан Андреево. Околу 3.00 часот се случила сообраќајна незгода на автопатот во правец Софија – Благоевград. Автобусот е со македонска регистрација, потврди началникот на Противпожарната служба Николај Николов.
Државниот врв со изрази на сочувство до семејствата на загинатите и повредените
Претседателот Стево Пендаровски изрази најдлабоко сочувство до семејствата на загинатите и повредените во сообраќајната несреќа што се случи ноќеска во Бугарија.
-Во овие тешки мигови, изразувам најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на сите лица и наши сограѓани кои ги изгубија своите животи и беа повредени во стравичната сообраќајна несреќа која се случи на територијата на соседна Бугарија, напиша Пендаровски на својот фејсбук профил.
-Во деновите на жалост што следуваат, посакувам мирен покој на душите на починатите и побрзо закрепнување на повредените, пишува Пендаровски.
Изрази на сочувство за автобуската несреќа што однесе 46 животи пристигнуваат од сите страни
Претседателите на Европскиот парламент, Совет и Европската комисија изразија сочувство по автобуската несреќа која однесе 46 животи во Бугарија.
– Ужасно дознаваме дека најмалку 45 лица, од кои дванаесет деца, загинаа во автобуска несреќа во Бугарија ноќеска. Изразуваме искрено сочувство и посакуваме сила на нивните семејства и пријатели. Нашите мисли се со Бугарија и Северна Македонија на овој трагичен ден, објави претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли.
Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, исто така изрази сочувство за семејствата и блиските на починатите во несреќата и им посака брзо закрепнување на повредените.
– ЕУ е солидарна со вас во овие ужасни времиња, напиша таа.
Трагедија: Во вакви мигови, секој човек е член на едно големо семејство
Трагедија. Настрадаа 46 млади луѓе, меѓу кои и 12 деца, во пожар кој го зафатил автобусот на патот Софија – Благоевград, на враќање од екскурзија во Истанбул. Тешко е да се пишува во вакви мигови, но длабоко човечка е и потребата да се упати порака со сочувство и солидарност до семејствата кои ги изгубија своите блиски во трагедијата, своите деца.
Малку е да се каже дека јавноста е во шок и неверување. Една по една, се редат вестите со детали за тешката несреќа, изјавите на јавни личности, политичари, експерти и претставници на надлежни институции, добронамерници на социјалните мрежи. Во вакви тешки мигови, солидарноста и сочувството на луѓето се единствените начини да се искаже непомирливост со трагедиите.
Човечноста не прашува за име и потекло на жртвите. Во вакви мигови, секој човек е член на едно големо семејство.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ТРИДНЕВНА ЖАЛОСТ Со едноминутно молчење во знак на почит кон жртвите од трагичната сообраќајна несреќа во Бугарија, и во знак на сочувство со нивните семејства, Владата на Република Северна Македонија на денешната редовна 120-та седница донесе одлука да биде прогласена тридневна жалост на територијата на целата држава.
За денови на жалост се прогласени денешниот ден, утре и задутре, односно од 23 ноември заклучно со 25 ноември (вторник, среда и четврток), а за време на деновите на жалост знамето на Република Северна Македонија, како и на дипломатските претставништва на земјата во странство, ќе биде истакнато на половина копје. Се одлагаат сите јавни настани, а медиумите треба да ги прилагодат своите содржини соодветно на прогласената тридневна жалост, се наведува во соопштение од Владата.
ПОВРЕДЕНИ Сите седум повредени кои по сообраќајната несреќа се хоспитализирани во болницата Пирогов во Софија се во стабилна здравствена состојба и никој не е животно загрозен, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.
По посетата на болницата заедно со премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Бујар Османи, Филипче истакна дека само еден пациент е со скрешница поради што треба да се направат дополнителни анализи и да се утврди дали ќе биде потребен хируршки зафат.
КРИЗЕН ШТАБ Министерството за надворешни работи формираше кризен штаб во врска со автобуската несреќа што се случи во Бугарија во којашто загинаа најмалку 45 лица.
МЕДИУМИ По сообраќајната несреќа што рано изутрината се случи во Бугарија, Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) апелира до медиумите да известуваат со целосна одговорност, врз основа на проверени информации и релевантни извори, без шпекулации околу причините за несреќата.
Препознавајќи го притисокот со којшто се соочуваат уредниците, новинарите и медиумските работници кога известуваат за вакви трагични настани, укажуваме на потребата да прават разлика меѓу тврдењата и фактите и да покажат особено голема внимателност со оглед на тоа што во трагедијата има настрадани малолетни лица.
ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА Заедно сме и во добро и во лошо, ние сме први соседи, за мене братски народи и секојпат треба да се најдеме и помагаме. Оваа трагедија позитивно ќе се одрази на односите меѓу двете земји, затоа што си помагаме, институциите работат заедно. Ова е пораката на народите од двете страни – тука сме да си помогнеме кога е тешко и да ја споделиме радоста кога е добро, изјави денеска премиерот Зоран Заев, на заедничката прес-конференција со привремениот бугарски премиер Стефан Јанев.
ИСТРАГА Во истрагата за трагедијата во Бугарија во која загинаа 46 патници а седуммнина се повредени, ќе се вклучат и крим техничари од Северна Македонија. Тимот на Министерството за внатрешни работи, предводен од помошник директорот на униформирана полиција, во состав од претставници на Секторот за сообраќајната полиција и Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења веќе е на пат за Бугарија и стои на располагање за помош и поддршка на бугарските колеги.
ОДЛОЖЕНА СЕДНИЦА Во знак на солидарност со жртвите од трагедијата во Бугарија и нивните семејства, седницата на Централното претседателство на Алтернатива закажана за денеска , на која требаше да се одлучува за влез во Владата и за зголемување на парламентарното мнозинство,се одлужува, информираат од партијата.
ПРЕГОВОРИ Во Брисел денеска се одржува редовниот Совет за општи работи на ЕУ, една од точките на дневен ред е проширувањето, посебно преговорите со Северна Македонија и Албанија, јави дописничката на МИА од Брисел.
Гашпер Довжан, словенечкиот државен секретар за европски прашања и претседавач на денешниот состанок ја повтори поддршката на Словенија за што побрзо одржување на првата меѓувладина конференција со С.Македонија и Албанија.
СЛОБОДНА ЗОНА
Сите ламентирања и сеирења околу одлуката на Заев за поднесувањето оставки се веќе добро познати и не вреди наново да се анализираат. И тоа – оставките по загубени, макар и локални, избори – го вбројуваат Заев во ретката сорта македонски политичари, од сега па до „крајот на историјата“. Како што ќе поминуваат годините, ќе се заборават сите актуелни контроверзии, малограѓански ситења, меѓупартиски злоби и општ говор на омраза, а местото на Заев, во една објективизирана, од потребната временска дистанца оценета историска улога, склон сум да мислам дека ќе добие само на поголем квалитет, а не обратно. Што и да мислите за него, човекот, де факто, „своерачно“ ја подигна „летвичката“ барем на дискусијата за лидерството многу повисоко од депресивниот просек на овдешната политика., читајте во новата колумна на Сашо Орданоски „Кој ќе го наследи Заев во СДСМ?“
Прашањето не е повеќе што се случува во, туку со општеството. Предлогот „во“ се менува во „со“ зависно од пропорциите на состојбата. Кога на поединци или групи ќе им се случи нешто, се вели дека тоа нешто се случува во општеството. Но кога голем дел од тоа општество ќе го опфати некоја состојба, тогаш нешто се случува со општеството. (Мораше ли да се објаснува ова? Со оглед на состојбите, изгледа дека – да.), читајте во РАФАЛ „ Дали човештвото е уморно од себе?“, од Џабир Дерала.
На западна страна не гледам некакво помрачување на месечината. Малку како таму да ја менува бојата кон потемно и една линија како да ја дели западната страна. Уф, бре проклета диоптрија! Не можам да видам колкав дел е тоа од месечината, но ми изгледа дека е скоро една третина. Добро не се потпирајте на моите математички познавања, има затоа личности кои сѐ можат да пресметаат математички прецизно. Делбите им ги оставам ним, пишува Војо Стојановски во колумната „Помрачување“.
Д. Мишев