Околу 30 политички партии се обединија вечерва во коалиција што ќе упати повик до граѓанките и граѓаните да гласаат ЗА на референдумот, за евро-атлантска иднина на Македонија, преку прифаќање на заеднички принципи што ќе водат кон успех на овој процес.
Политичките партии кои вечерва се обединија околу основните принципи согласни се дека македонско-грчкиот договор ги отвора вратите на Македонија за членство во НАТО и во Европската Унија. Партиите сметаат дека секој граѓанин на Република Македонија со право на глас треба да преземе одговорност, да излезе и да гласа афирмативно на претстојниот референдум – се вели во соопштението за јавноста од СДСМ.
Соодветно на еден од принципите на кои се темели оваа коалиција, партиите на средбата се договорија да го задржат правото да водат сопствени јавни комуникации поврзани со референдумот, независно или во рамки на други коалиции и кампањи.
Зоран Заев, премиер и лидер на СДСМ во своето обраќање истакна дека со решавањето на билатералното прашање со Грција, повеќе нема ниту едно отворено прашање со соседите, со што се отвора иднината за граѓаните на нашата држава и членството во ЕУ и во НАТО.
„Успехот на референдумот значи изградба на европска Македонија. Јас сум убеден дека мнозинството граѓани што ги претставуваме и кои ни ја доверија одговорноста да ја водиме државата, ќе ја исполнат својата граѓанска должност, ќе излезат на референдумот и ќе гласаат за европска Македонија“ – рече Заев.
Оваа иницијатива веќе на самиот почеток добива карактер на масовно движење отворено за политички партии, граѓани, граѓански здруженија или други организации, институции и други општествени структури што се согласни да ги повикаат граѓаните да излезат и да гласаат ЗА на претстојниот референдум, со што ќе го поддржат членството на Македонија во НАТО и ЕУ.
М. Л.