Г-ѓа Снежана Трпевска, доктор по комуникациски науки, во изминатите години учествувала во бројни академски и применети истражувачки проекти поврзани со слободата на изразување и медиумскиот плурализам, медиумската писменост, ставовите и однесувањето на публиката во врска со медиумските содржини, концентрацијата на медиумите и регулирањето на радиодифузијата, етиката во новинарството итн.
„Главниот фокус на моето кусо излагање ќе биде на тоа каде да го најдеме решението, кој е најдобриот пристап што можеме да го примениме за да се справиме со негативното влијание на новите технологии во нашите општества, поточно со проблемот на огромното ширење на дезинформациите“, изјави Трпевска на Регионалната конференција „Напади врз демократијата и човековите права“, одржана на 28 јули во Скопје.
Трпевска се осврна на истражувањата на нивоата на медиумска писменост во земјава, и на причините за приемчивоста на публиката за дезинформации и лажни вести.
Она што мене како истражувач најмногу ме интересира е “побарувачката“ на дезинформации, или причините поради кои публиката бара или е приемчива за дезинформации, лажни вести и сл. Во нашата земја нема многу истражувачки, студии за овие прашања. Пред три години беше спроведена сеопфатна студија нарачана од регулаторот, на индивидуалните нивоа на медиумска писменост кај населението на возраст над 16 години. Имаше и некои други помали истражувања кои само површно се обидуваат да допрат до причините зошто и како дел од публиката се однесува кон дезинформациите. Но, во другите земји има спроведено многу истражувања и има изградено знаење што ги објаснува причините зошто публиката во голема мера ги прифача или им верува на дезинформациите.
Факт е дека социјалните медиуми и кај нас стануваат главен начин за пристап до вести и информации, особено за помладите генерации. Исто така е познато дека социјалните медиуми продолжуваат да придонесуваат кон се поголемо ширење на информациите генерирани од корисници, вклучувајќи лажни тврдења, измислени настани, дезинформации, теории на заговор, говор на омраза и така натаму. Но, да не заборавиме и дека ова богатство од информации и дигиталните информативни медиуми направи револуција и ја демократизираше политиката. Јавноста сега може детално да го следи она што го прават политичарите и да го коментира тоа веднаш преку социјалните мрежи. Значи, да не го заборавиме позитивниот аспект на тоа што ни го овозможуваат дигиталните технологии. Сепак, постојано повторуваме дека се соочуваме со проблем на огромно ширење дезинформации и дека овој феномен негативно се одразува во нашите општества, вели Трпевска.
„Значи, што е проблемот овде? Одговорот изгледа едноставен: дигиталните дезинформации се огромен проблем бидејќи за повеќето луѓе воопшто не е лесно да направат разлика меѓу веродостојните вести и дезинформациите, лажните вести или манипулативните содржини на социјалните медиуми. Значи, тоа е суштината на проблемот. Зошто луѓето не можат да препознаат што е веродостојна вест, а што дезинформација? Но, иако лесно можеме да го опишеме проблемот, решението за него не е едноставно. Кој пристап е најдобар? Дали да се применат рестриктивни или позитивни мерки? Дали да се забрани некоја содржина или да се работи на подигање на свеста кај населението? Се чини и двата пристапа имаат свои предности и недостатоци.
На пример, законските одредби што забрануваат дезинформации и лажни вести може да ги ограничат правата на поединецот и слободата на говорот, а згора на тоа, информациите преку Интернет е исклучително тешко да се регулираат бидејќи се шират како пожар на социјалните медиуми. Од друга страна, кампањите и кратките едукативни програми можат само делумно да влијаат да ја променат свесноста и вештините на населението за препознавање на дезинформациите.“
Како можно решение, Трпевска го посочува комбинирањето на различните пристапи:
„Веројатно најдобро решение би било да се комбинираат двата пристапа. Да се биде крајно внимателен кога се воведуваат рестриктивни мерки, но во исто време, да се спроведат темелни и долгорочни интервенции во други општествени области, како на пример, во формалниот образовен систем, саморегулацијата, зајакнување на улогата на семејството, професионализација на медиумите, влијание на граѓанскиот сектор. Мислам дека во нашите земји, она што е постигнато досега најмногу доаѓа од граѓанскиот сектор, и тоа главно преку спроведување едукации и кампањи за медиумска писменост, а многу малку се работеше на темелни реформи на формалниот образовен систем. И тоа е проблемот со кој се соочуваме сега.
Со појавата на поимот лажни вести во јавниот дискурс, а подоцна и на поимот „дезинформации“ медиумската и информациската писменост стана клучна вештина. Денес сите зборуваат за медиумска и информациска писменост како дел од решението. Медиумската и информациската писменост е основен предуслов за идентификување, селектирање, разбирање и користење на кредибилните информации при учеството во јавната дискусија.“, вели таа.
Но, Трпевска вели дека медиумската и информациската писменост не може да биде сама по себе решение за проблемот со нарушениот јавен дискурс.
„Меѓутоа, мојот аргумент овде е дека медиумската и информациската писменост не можат да бидат решение за проблемот со нарушениот јавен дискурс, доколку нејзиниот фокус не е на развивање на генеричките вештини за критичко размислување кај населението. А ова, пак, е многу сложен и бавен процес што може да се постигне само преку внимателно дизајнирана реформа на формалниот образовен процес, на сите нивоа. Во нашата земја, на пример, беа организирани голем број едукативни програми, кампањи за подигање на свеста и разни други иницијативи, а исто така има и најави дека медиумската писменост ќе биде воведена во формалниот образовен систем од септември оваа година. Но, мојата дилема е како ќе се имплементираат овие реформи, односно дали ќе се спроведат темелно врз основа на досега стекнатите научни сознанија за тоа како преку процесот на учење индивидуата може да усвои критички, или подобро кажано, научен начин на расудување, или тие ќе бидат имплементирани на начин што ќе се воведат само неколку тематски единици во рамки на неколку предмети од општествените науки.
Мислам дека најголемиот проблем со нашето образование денес е тоа што не ги учи учениците да размислуваат критички, иако постои широко распространет консензус во врска со тоа кои вештини претставуваат критичко размислување, како и темелни истражувања за тоа како тие вештини можат успешно да се стекнат низ образовниот процес. Мислам дека ова знаење не е земено предвид при дизајнирање на реформите, барем кај нас, не знам каква е ситуацијата во другите земји во регионот и не сум оптимист дека решението ќе биде видливо наскоро, токму поради таа причина.“, заклучи Трпевска.
Камера: Дехран Муратов
Монтажа: Ариан Мехмети
фотографија: Огнен Бошњаковски