пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Џо Бајден им покажа црвен картон на националистите, воените хушкачи и криминалците во политиката во земјите на Западен Балкан. Тој оцени дека нивното дејствување против суштински важните постконфликтни договори носи дестабилизација за земјите во регионот. Тие се непожелни во САД, а според извршната наредба на американскиот претседател, нивниот имот во таа земја ќе биде замрзнат.
Овој црвен картон е исклучително сериозно предупредување за сите што сакаат со национализам, насилство и криминал да дојдат до власт или да ги дестабилизираат земјите за Западен Балкан.
Документите кои се наведуваат во извршната наредба на Бајден се Охридскиот рамковен договор (2001) и Преспанскиот договор (2018) во Северна Македонија, Дејтонскиот договор за БиХ, резолуцијата 1244 на ОН, заклучоците од Лондонската конференција во 1995 година, одлуките на Хашкиот трибунал и други важни меѓународни документи.
Нема играње со спогодбите и меѓународните документи со кои се обезбедува мир, стабилност, владеење на правото и почитување на човековите права. Извршниот документ кој го потпиша Бајден зборува и за корупцијата која е широко распространета во регионот.
Декретот од другата страна на Атлантикот, од најмоќната демократија во светот, треба да биде сигнал и поттик и за домашните институции, во прв ред правосудството, но и сите останати, да им застанат на патот на криминалците во политиката, националистите и воените хушкачи. Истовремено, ова е голем поттик и за сите граѓанки и граѓани, да им покажеме црвен картон на сите што сакаат војна наместо мир, неправди и насилство наместо човекови права, грабеж наместо чесен живот.
По толку пролеана крв, невидени ѕверства и безумие на Балканот, време е да им кажеме на сите „лудаци“ дека не се пожелни и дека треба да одговараат. И да го вратат имотот што и онака не го заработиле! За тоа што го преселиле во САД, веќе се погрижи американскиот претседател.
Лајк за Бајден!