ЦИВИЛ во рамките на проектот „Зад димната завеса“ разговараше со експертката за медиуми, Марина Тунева, за дезинформациите, пропагандата, улогата на медиумите, институциите и граѓанското општество во справување со оваа опасна појава.
ЦИВИЛ Медиа: Како ја оценувате состојбата во контекст на дезинформациите и пропагандата во нашата земја?
Тунева: „Да речеме дека тоа не е нова појава, дезинформациите, пропагандата, манипулативното информирање на јавноста, манипулативното известување, речиси како да постоеле отсекогаш, па така и во денешно време, и се поврзуваат со различни настани. Актуелно можеби се поврзуваат со воените случувања во Украина, ги имавме околу пандемијата, ги имаме во континуитет, било да се работи за теми коишто се поврзани со домашната политичка сцена, било со домашните актуелни случувања, или со она што е глобална тема. Она што неминовно се наметнува како прашање е како да се справиме со тој проблем, имајќи предвид дека постои во континуитет.“, вели Тунева.
ЦИВИЛ Медиа: Кои се главните теми и пораки, а кои се креаторите и дистрибутерите на дезинформациите и пропагандата?
Тунева: Честопати се покажува дека како креатори на дезинформациите, пропагандата и манипулациите, се честопати центрите на моќ, и нивните следбеници, да речеме центри на политичка моќ, центри на економска моќ, меѓутоа, и некои кои ги поддржуваат тие центри, овозможуваат нивната реторика, наративи и информации, да се шират меѓу пошироката јавност. Во основа, станува збор за некој што има интерес од ширење на определени наративи, и практично, добивањето поголем број следбеници, стекнувањето на една поширока публика, во однос на она што се соопштува или се креира како информација од тие центри. Меѓутоа, она што за жал, честопати се случува, е што самите граѓани знаат да бидат дистрибутери, некој што учествува во ширењето на дезинформациите, а причините за тоа може да бидат повеќе.
Една од причините може да биде непознавањето на одредена тема, и практично, со тоа што ќе се преземе од некој извор, чиешто потекло и легитимитет не се преиспитува, се учествува понатаму во ширењето, дистрибуцијата на таквите информации. Честопати причина е фактот што одредени работи кореспондираат со она што е наше предубедување, во однос на одредена тема, и така, свесно или несвесно, стануваме некој што учествува во ширењето дезинформации. И она што исто така, за жал е доста проблематично, е што сите овие појави, некако како да одат во спрега со одредени медиуми, коишто служат како платформи за ширење на таков тип на информации, идеологии, дезинформации, пропаганда итн., особено ако тие го препознаат својот интерес и ако кореспондира со уредувачката политика на тој медиум.
Јас дури и кога станува збор за такви платформи, не би ги ни нарекла медиуми, бидејќи отстапувањето од нормите на професијата, практично значи дека некој таму не треба да припаѓа, односно, континуираното отстапување. Јас ги признавам околностите во коишто работејќи, ќе ни се случат грешки, меѓутоа, важно е таа грепка да се коригира, но кога тоа работење подразбира пласирање на невистини во континуитет, и со тоа, контаминирање на јавноста и граѓаните коишто се како публика на тој медиум, тогаш тоа е навистина едно несовесно и целосно непрофесионално работење на тој медиум, злоупотреба на таа платформа за ширење невистини. Особено кога станува збор за негативни тенденции од типот на ширење омраза, дискриминација по различни основи итн. Тука веќе треба да реагираат и институциите, порача Тунева.
ЦИВИЛ Медиа: Како се справуваат граѓанското општество, јавноста и медиумите со дезинформациите и пропагандата? Кои се главните предизвици?
Тунева: Не би рекла дека подеднакво се справуваат со овие проблеми, интензитетот, намерата, желбата за справување со овие проблематични појави, е различна на сите страни, како што имаме некои што се поборници да се справата со овие проблеми, така има и некој којшто континуирано работи на штета на јавниот интерес, на штета на граѓаните. Оние што се кредибилни медиуми, коишто имаат репутација, кои се придржуваат до нормите на професијата, се разбира, секогаш активно се залагаат и се стремат кон искоренувањето на ваквите појави. Така што тука би им одала признание на таквите медиуми, бидејќи навистина можат многу да придонесат. Тие имаат голема моќ и улога во трансформацијата на јавното мислење, или во објаснувањето на проблемите коишто се случуваат, бидејќи неретко, тие проблеми или негативни тенденции не се толку препознатливи за пошироката популација.
На пример, ако станува збор за дезинформација, мисинформација, манипулативно информирање, не секогаш секој граѓанин може да го препознае тоа. Не секогаш секој е во можност да бара алтернативни извори на информации, и оттука да направи една сопствена проценка што е она што е вистина и не. И оттука, сметам дека кредибилните, професионални медиуми коишто ја негуваат професионалноста во своето работење, навистина може да придонесат многу, имаме такви медиуми, за среќа, можеби не е голем бројот на тие медиуми, но имаме. Им овозможуваат на јавноста да препознаат за што станува збор.
Кога станува збор за граѓанското општество и невладините организации како репрезенти на граѓаните во различни сфери, и тука можеме да кажеме дека има извесен број организации коишто активно и во континуитет се трудат, не само денес, во контекст на актуелните случувања, туку тоа го прават во континуитет. Па така имаме различни иницијативи и идеи во сферата на медиумската писменост и во однос на препознавањето на дезинформациите во условно речено, описменувањето на граѓаните, за препознавање на техниките на манипулативно и пропагандно информирање. Така што, како резултат на тие заложби се овозможува навистина да им се помогне на граѓаните, и работат со се повеќе целни групи. Работат со училиштата, со наставниците, децата, се правеле обиди да се соработува и со институциите, и за среќа, има успех и на тој план, и тука се зависи од тие поактивни, или извесен број на поактивни граѓански организации, вели меѓу другото Тунева.
ЦИВИЛ Медиа: На кој начин дезинформациите и пропагандата можат да ја загрозат стабилноста и безбедноста на државата?
Тунева: Тоа апсолутно е возможно, особено ако се шират теории на заговор, ако се шират дезинформации и пропаганда коишто значат загрозување на безбедноста, коишто особено во услови на криза, ги оддалечуваат граѓаните од она што значи вистинска информација. Сведоци сме за она што се случуваше за време на пандемијата, тема којашто во одредена мера е се уште актуелна и подеднакво горлива како што била и претходно. Знаеме дека се ширеле различни теории на заговор, знаеме дека се правеле обиди луѓето да се дистанцираат од она што е вистинска информација, од она што значи заштита на нивното здравје и безбедноста, дури понекогаш се пренесувале одредени извори и информации коишто значеле дезавуирање на она што значи заштитна мерка, водење сметка за себе и за другите.
Тунева посочува на политичките дезинформации, говорот на омраза и криминалот од омраза како последица на говорот на омраза, што значат загрозување на безбедноста, не само на поединци, туку и пошироко, како и на злоупотребата на дигиталната технологија за ширење дезинформации и говор на омраза.
ЦИВИЛ Медиа: Како ќе ја оцените работата на институциите во поглед на потребите за справување со дезинформациите и пропагандата?
Во однос на справувањето на институциите со дезинформациите и пропагандата, Тунева порачува дека институциите не секогаш се покажале како ефективни, и затоа вели дека тие треба поревносно да работат на оваа проблематика. Ако има нешто што може да значи нарушување на законот, тогаш треба да постапат. И да не го маскираат тој проблем, да го подзаборават, да прогледаат низ прсти… а појави од таков вид сме имале доста. Судството треба да биде ефикасно и ефективно, на тоа се укажувало на бројни настани, јавното обвинителство, полицијата си ги има своите надлежности, различни регулаторни тела, сите тие треба да ја разберат пораката дека во рамки на своите надлежности, треба да се справуваат со таквите проблеми.
ЦИВИЛ Медиа: Кои се Вашите препораки за поуспешно справување со дезинформациите и пропагандата?
Тунева: „Ако е дезинформација, ако е полуинформација, полувистина, бидејќи сега тие појави се замаскирани и во други облици, тогаш јасно и гласно треба да се посочи. Еден професор во универзитетот „Џорџ Вашингтон“ во Америка вели дека дезинформациите се како лебарки, доколку ги осветлите, тие ќе се разбегаат во различни правци. Треба да се стави светло на ваквите појави, да им се посочуваат на граѓаните, порача Тунева.
Д. Тахири
Разговорот го водеше Дехран Муратов
монтажа: Д.Муратов