Протест пред Истражниот затвор Скопје во Шуто Оризари најауваат од ВМРО-ДПМНЕ, за како што велат, запирање на сите процеси на политички прогон, пуштање на слобода на сите лица кои се опфатени со овој прогон и за итно и безусловно стопирање на малтретирањата, на теророт и изживувањето кое го прави СДСМ.
Во нивното соопштение се наведува дека сите државни институции и судовите се целосно заробени и работат под налог на Зоран Заев.
„Македонија е единствената земја каде се врши политички прогон на неистомисленици и апсење на пратеници. Власта ги крши основните човекови права и монтира обвиненија за тероризам против 36 македонски патриоти само затоа што си ја сакаат државата“ стои во соопштението.
Од партијата велат дека незаконието на власта ќе биде казнето, а сите учесници во уништувањето на правната држава, се вели во соопштението, ќе одговараат пред законите.
„Се притвораат уметници, актери, режисери, архитекти, припадници на полицијата само затоа што не се согласуваат со политиките на Заев и СДСМ… ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи да се продолжи да се гази врз правото и демократијата во државата. Демократијата и правната држава ќе бидат вратени, а граѓаните ќе живеат во држава ослободена од насилието и прогонот кои ги врши хунтата на власт“ известуваат од опшзицијата.
Протест ќе започне во 16 часот пред Истражниот затвор Скопје во Шуто Оризари каде ќе има повеќе обраќања пред присутните.
Б.Ј.