Улични протести еруптираа во главниот град, САД и Европските официјални лица го осудуваат помилувањето. Одлуката на македонскиот претседател за помилување на политичари обвинети за измама и корупција, предизвика масовни улични протести во главниот град на земјата и поплаки од Европската унија и САД, кои изразија загриженост за назадување на демократското владеење на територијата на Источна Европа.
Тензиите доаѓаат во непријатно време за ЕУ, бидејќи Унијата се потпира на малата поранешна југословенска земја да ја блокира Балканската миграциска рута. Стотици илјади бегалци и мигранти го користеле тој пат за да стигнат до северна Европа во текот на изминатата година.
Во среда навечер, демонстрантите ја демолираа Нардоната канцеларија на Претседателот во центарот на главниот град, Скопје. Покрај новите протести кои се планирани од активисти на граѓанското општество и од опозицијата, приврзаниците на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ се мобилизираа за контра-демонстрации, иако партијата, исто така, ја критикуваше јавно одлуката на претседателот за помилување.
“Ситуацијата е непредвидлива, и надвор од контрола”, вели Борјан Јовановски, главен уредник на интернет порталот Нова ТВ, кој е критички настроен кон Владата. “Одлуката на претседателот за помилување беше шокантна, таа претставува блокада за владеењето на правото, и тоа би можело сериозно да ја дестабилизира и онака нестабилната ситуација.”
ЕУ и САД го осудија помилувањето кое го потпиша претседателот Ѓорге Иванов, кој во вторникот амнестираше 56 политичари и други личности кои се под истрага на независното Специјално јавно обвинителство за наводна злоупотреба на моќта. Овој потег ефикасно ја неутрализира истрагата, која започна минатата година, како дел од посредувачкиот напор на ЕУ да се смири политичката криза предизвикана од обвинувањата.
САД и ЕУ дипломатите лобираа во четвртокот, Иванов да ја поништи својата одлука. Висок официјален претставник на ЕУ изјави дека западните земји ќе се движат агресивно против лидерот на ВМРО, Никола Груевски и против други високи македонски функционери, ако помилувањето остане. Меѓу можните казни под дискусија се: забрана за патување во Шенген-зоната на ЕУ за високи македонски политичари, повлекување на помошта за Скопје за мигрантската криза, како и запирање на поддршката за кандидатурите на земјата за членство во ЕУ и НАТО, изјави официјално лице од ЕУ.
Претседателот Иванов изјави дека помилувањето е неопходно и ќе овозможи Македонија да излезе од политичката криза.
Претставници на ЕУ ја нагласија нивната загриженост за наклонување кон националистичка и авторитарна политика во делови на пост-комунистичка Европа во последниве години.
Македонија се одржа како моќен пример за демократска транзиција до 2000-та година, но оттогаш нејзиното управување оди кон полошо. Според новиот извештај на американската експертска група „Фридом Хаус“, резултатите на Македонија во различни аспекти на либералната демократија се намалени во текот на изминатата деценија, а “популистичка владејачката елита” ја “уништи можноста за проверка и рамнотежа”. Непрофитната организација „Репортери без граници“ вели дека слободата на медиумите нагло се намали.
Еден извор на проблемот е спорот на Македонија со соседна Грција, која верува дека името “Македонија” треба да биде резервирано за северниот грчки регион кој исто така, се нарекува Македонија. Грција во последниве години го блокираше обидот на Македонија да започне преговори за членство со ЕУ и НАТО, со што македонските надежи за приклучување кон најважните организации на Западот се надвор од дофат.
По долги години посредство на САД, неуспешен е обидот да се најде заемно прифатливо име за државата. Континуираната изолација го уништи поттикот на владетелите на земјата да се држат до западен курс на домашната политика.
“Гниењето започна во моментот кога земјата ја изгуби таа клучна европска перспектива”, изјави Џејмс Кер-Линдзи, специјалист за југоисточна Европа од Лондонскиот факултет за економија. Портпарол на Министерството за надворешни работи на Грција рече дека тие ја поддржуваат Македонија во европските аспирации – но тоа е условено со решавање на спорот околу името.
Скандалот кој ја тресе Македонија експлодираше во февруари 2015 година, кога опозицијата ја обвини владата на тогашниот премиер Груевски, доминантен политичар во земјата во текот на изминатата деценија, за злоупотреби, вклучувајќи користење на разузнавачките служби да прислушуваат 20.000 службеници, новинари и други граѓани.
Опозицијата ги објави аудио снимките, од највисоките функционери, вклучувајќи го и премиерот кои наводно разговараа за нелегални активности. Груевски негира дека сторил нешто лошо и ја обвини опозицијата дека со користење на лажни снимки подготвува заговор за државен удар.
Тим од независни правни експерти, испратени од Европската комисија, објави во јуни 2015 година, дека аудио снимките “обезбедуваат индиции за незаконски активности и злоупотреба на власта од страна на високи владини претставници.”
„Се чини дека високи партиски и владини членови се вклучени во изборни измами, корупција , уцени, изнуда, непотизам и кронизам“, изјавиа експертите, предводени од поранешниот официјален претставник на ЕУ Рајнхард Прибе.
Под притисок на ЕУ, владата и опозицијата се согласија да се одржат избори на почетокот на 2016 година, следејќи ги реформите и независната истрага за наводите на прислушкување. Во јануари, како дел од тој договор, Груевски се повлече барем привремено како премиер во пресрет на изборите, кои се закажани за јуни. Се очекува дека неговата партија ќе победи.
Опозициските социјал-демократи, рекоа на почетокот на овој месец дека ќе ги бојкотираат изборите, повикувајќи се на недостаток на реформи кои не обезбедуваат балансирано поле за политичка игра. Официјални претставници на ЕУ, пред одлуката за помилување, ја притискаа опозицијата да го повлече бојкотот. По потегот на помилување, ставот на ЕУ е дека сегашните околности не овозможуваат простор за слободни и фер избори во јуни.
Официјални лица од Брисел веруваат дека целта на одлуката на претседателот Иванов за помилување е да го олабави стисокот врз ВМРО-ДПМНЕ и кругот околу Груевски. Некои дипломати во Скопје сметаат дека, сепак, Иванов можеби дејствувал без одобрение на ВМРО-ДПМНЕ.
Груевски на прес-конференцијата во четвртокот изјави дека помилувањето кое го потпиша Иванов беше грешка, бидејќи истрагите ќе докажаат дека нелегалните дејствија биле спроведени исклучиво од опозицијата.
(Текстот е објавен вчеравечер по македонско време во електронското издание на Wall Street Journal)