Во ноќниот клуб Станица 26, вечерва, со почеток од 21 часот, во организација на 3Гонга, ќе се одржат настап српските џез виртуози, гитаристот Душан Јевтовиќ, заедно со Васил Хаџиманов на клавијатури и Богдан Џурџевиќ на тапани.
Српскиот гитарист, кој долги години живее и работи во Барселона, Шпанија, го издаде својот петти албум со наслов „No answer“, и за кратко време доживеја голем меѓународен успех, а музиката ја направи заедно со Васил Хаџиманов.
„Васил снимаше во студио со мене и сакавме да се вратиме на оној стар трио џезерски звук, кој беше популарен во 60те и почетокот на 70те години. Сакавме да направиме нешто интересно и мислам дека успеавме во тоа. Хаџиманов е навистина неверојатен со неговата лева рака и умее да направи чуда, многу е стабилен како музичар, врвен професионалец, така што знам дека направивме вистински потег соработувајќи заедно” вели Јевтовиќ.
Музиката на овие двајца талентирани и успешни музичари е своевиден амалгам од џез импровизации, во кои е вткаен дури и сензибилитетот на големиот Џими Хендрикс. Овие музичари создаваат електрична фузија од звуци, кои несомнено заслужуваат да бидат слушнати.
А.П.