Српскиот претседател Александар Вучиќ на заедничката прес-конференција со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров синоќа изјави дека Србија е на европски пат, но оти ќе продолжи да гради најдобри односи со Русија.
– Претпоставувам дека ќе има различни видови желби и притисоци односите да се движат во поинаква насока, но Србија ќе биде на иста линија, ќе ги почитува традиционалните односи и ќе развива најдобри односи со Руската Федерација, посочи Вучиќ.
Тој додаде дека дека периодот од 180 години од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Србија и Русија е карактеристичен по тоа што никогаш не оделе еден против друг и оти тоа е редок пример и случај помеѓу кои било народи во светот.
Шефот на руската дипломатија истакна дека Русија и Србија се партнери, кои еден на друг ништо не си наметнуваат и оти Москва ги поздравува напорите на Србија на патот кон Европска унија, но и во односите со евроазискиот сојуз.
– Русија не бара од Србија да ги прекине контактите со кој било во светот. Секогаш сме се залагале партнерите да имаат слобода на избор и да ги развиваат своите политички врски, посочи Лавров.
Тој посочувајќи ја соработката на Србија со НАТО, но и со Сојузот за колективна безбедност, посочи дека статусот на неутралност на Србија е еден од најважните фактори на стабилност на Балканот.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.